23/06/2017
naslovi

Арс Ламина: Ова се најпродаваните книги на Саемот на книгата 2017

Eден од најпосетуваните настани во земјава, 29. Саем на книгата, издавачката куќа „Арс Ламина – публикации” го заврши со 12 успешни промоции, 14 настани, работилници и активности, неколку специјални гости и многу посетители, како и со рекорден број продадени книги на саемот досега.

Убедливо најпродавана книга во издание на „Арс Либрис”, дел од „Арс Ламина – публикации”, е „Фајронт во Сараево”, автобиографија на легендата д-р Неле Карајлиќ, ѕвездата на „Забрането пушење” и на „Топ-листа на надреалистите”. Во својата автобиографија „Фајронт во Сараево” тој се открива како еден од најскапоцените инсајдери на митските југословенски приказни. Неле Карајлиќ беше и специјален гостин на „Арс Ламина” во рамките на Саемот на книгата 2017 и на своите промоции привлече огромен број посетители.

На второто место според продажбата е книгата за деца „Тато, имаме приказна!”
Овие 14 забавни приказни за читање и смеење на глас се напишани од еден татко и едно шестгодишно девојче – Александар и Гала Таковски, а илустрациите се целосно на Гала Таковски.

Новиот роман на Билјана С. Црвенковска со илустрации на Здравко Гиров „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња” се најде на третото место на топ-листата најпродавани книги за време на саемските денови.

Следна на листата е автобиографијата на мајсторот на хуморот – неповторливиот Џон Клиз ѕвездата на „Монти Пајтон”, со наслов „И така, ви велам…” Оваа автобиографија е сè она што може да се очекува од нејзиниот автор: луцидна, промислена, провокативна и пред сè – забавна историја на ѕвездата на Монти Пајтон.

На петтото место е книгата „Отчукувања” на авторите Хавиер Руескас и Франсеск Миралјес (Шпанија). Преку дијалозите пренесени во посебен и необичен формат („чет”-апликација), ова интересно четиво пренесува една приказна за вторите шанси во животот. Руескас и Миралјес беа специјални гости на „Арс Ламина” на Саемот на книгата.

На шестото место е романот за деца „Лесната принцеза” на Џорџ Мекдоналд. На новородената принцеза ù е фрлена необична клетва – освен што нема гравитација, таа не умее да сфати никого сериозно. Уште полошо, таа може да биде оддувана и од најмалото ветре! Весела приказна, што е омилена кај малите читатели.

По овој безвременски класик за деца, следува „Црвената кралица”, фантастичен роман за млади напишан од Викторија Авејард. Овој роман претставува еден свет што е поделен според бојата на крвта – на оние со црвена и на оние со сребрена крв, свет на лаги и измами, на предавства, каде што „црвената девојка” е принудена да заигра опасен танц – против сопственото срце…

Специјален гостин на саемот беше и Жан Бак (Луксембург), автор на романот „Аматер”, дел од едицијата „Прошетка низ Европа”. Жан Бак е добитник на наградата за литература на Европската унија, токму за романот „Аматер”. „Аматер” е на осмото место на топ-листата на најпродавани книги на „Арс Ламина” за време на Саемот на книгата.

На деветтото место се наоѓа серијалот „Бајки од Македонија”, веќе добро познат кај пошироката публика, а на десеттото е серијалот хорор-романи за деца „Замокот на стравот”.

И по Саемот на книга „Арс Ламина – публикации”, како најголем и најважен издавач на академска и научна литература, едукативни изданија и дидактички помагала, белетристика и литература за деца, останува на својата мисија унапредувањето на издаваштвото во Македонија и доближување на читателската публика со сопствените изданија, меѓу кои и современа белетристика и литература за деца и млади, објавување преводи на македонски јазик на најпродаваните и најнаградуваните светски автори, но и објавување на домашни имиња.

Видете следно

odmor

Колку денови платен годишен одмор му следуваат на секој работник

Согласно Законот за работни односи, секој работник има право на платен годишен одмор од најмалку …