Б2Б вмрежување меѓу компании од Македонија и Косово


Во Сити Хол Центар, Скопје, Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери ЦЕЕД Македонија, денеска беше домаќин на Бизнис за бизнис (Business to Business) вмрежување меѓу компании од Македонија и Косово.

Г. Стефан Томаџан, заменик шеф на мисијата на Амбасадата на Швајцарија во Р. Македонија, изјави: “Целта на овој настан е да креира можности за соработка меѓу компании од Македонија и Косово. Соработката меѓу компаниите од регионот е многу важна, особено за помалите економии, како овие две земји.”

На настанот присуствуваа сопственици на микро и мали компании, учесници во Проектот, членови на ЦЕЕД бизнис и едукативниот клуб од Македонија и членови на ЦЕЕД Косово.

Г-ѓа Татјана Марковска, проект менаџер од Канцеларијата за економски развој, УСАИД, изјави: “Од аспект на продажба и извоз, настаните за вмрежување се една од најважните активности на Проектот за учесниците, затоа што претставуваат можност за запознавање со нови пазари, создавање нови контакти и воспоставување нови партнерства.”

Бизнис за бизнис (Б2Б) средбите се одлична можност за запознавање со условите на странските пазари, за истражување нови можности и остварување релации со потенцијал да прераснат во бизнис партнерства.

Започнат од УСАИД во јули 2011 година, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Проектот за микро и мали претпријатија во вредност од 3.079.400 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Активностите на проектот се имплементираат во осум региони и ја покриваат целата територија на Македонија. ЦЕЕД Македонија е една од институциите во наследство на УСАИД и е имплементатор на Проектот.

Видете следно

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството има недостигот на квалификувана работна сила

Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јули …