17/10/2017
FB_IMG_1495186595646

Да се вклучат граѓански организации во телата за одлучување – една од препораките од истражувањето „Учество на граѓанските организации во прекуграничната соработка“

Граѓанските организации во Македонија се соочуваат со предизвици при имплементацијата на проектите за прекугранична соработка. и потребно е нивно учество во програмирањето на програмите за прекугранична соработка, покажува новото истражување „Учеството на граѓанските организации во прекуграничната соработка“, спроведено од АЛДА.

Резултатите од истражувањето беа претставени денес од страна на Ивана Петровска, истражувач и директор на АЛДА Скопје, Европската асоцијација за локална демократија.

Република Македонија има 4 програми за прекугранична соработка, со Бугарија, Албанија, Грција и Косово кои се финансираат со средства од Европската унија. Програмата за соработка со Србија треба да започне оваа година. Во периодот 2007-2013 година во овие 4 програми биле финансирани 206 проекти со вредност од 24.610.426 евра за македонските партнери. Во програмите учествувале општини, граѓански организации и други образовни, здравствени и културни институции.

„Предизвиците со кои граѓанските организации се соочуваат при имплементацијата на проекти за прекугранична соработка се финансиската стабилност за реализација на проектот. Всушност, иако Македонија е единствената земја од регионот која го покрива потребното кофинансирање од 15%, средствата се префрлаат откако проектот завршува и временскиот период е долг поради што граѓанските организации се соочуваат со финансиски проблеми“ откри Петровска за време на презентацијата.

Истражувањето беше реализирано во рамките на проектот „Граѓанските организации: носители на прекугранична соработка“ како дел на ИПА 2 механизмот. ИПА 2 механизмот е мрежа на граѓански организации кои се залагаат за поголемо учество на граѓанскиот сектор во програмирање на европските фондови.

Процесот на планирање на програмите за прекугранична соработка е партиципативен, меѓутоа граѓанските организации треба да бидат повеќе вклучени. Исто така, иако граѓанските организации се целосно вклучени во имплементација на проекти, тие воопшто не се вклучени во процесот на донесување на одлуки во програмите за прекугранична соработка. Имено, ниту една организација од Македонија не учествува во работењето на Заедничкиот комитет за следење, тело кое донесува одлуки во рамките на програмите за прекугранична соработка.

Кога станува збор за соработката на граѓанските организации со општините, истакнато е дека прекуграничната соработка може да биде поттик за воспоставување на партнерски односи. Всушност, самата природа на прекуграничната соработка е да поттикнува соработка помеѓу различни чинители на локално ниво со цел да се обезбеди трајност и одржливост на проектите кои ќе бидат во корист за заедницата.

„За Република Македонија е потребно да обезбеди поголемо вклучување на граѓанските организации во програмите за прекугранична соработка. Всушност, покомпетентно граѓанско општество кое е дел од демократските процеси и е во можност да имплементира ЕУ проекти е еден предуслов за влез на Македонија во Европската унија. Затоа, со цел да се обезбеди поголема улога на граѓанските организации во прекуграничната соработка, еден од предлозите од истражувањето е да се вклучат граѓански организации во телата за одлучување, барем како набљудувачи. Исто така, од голема важност е да  се воспостави т.н. Гарантен фонд за доделување или позајмување на средства на организациите кои имплементираат европски проекти. Со тоа значително ќе помогне на граѓанските организации во нивното административно и финансиско управување со ЕУ проектите“, истакна Ивана Петровска.

 

Видете следно

stevce

Стевче Јакимовски заработи кривична пријава

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Коалицијата Сексуални и здравствени права на …