23/11/2017
feni9

ДАЛИ ПОСЛЕ ФЕНИ НА РЕД Е КОСОВСКАТА ФАБРИКА ЊУ КО ФЕРОНИКЕЛИ, СЕ РАСПАЃА КУНИКО РЕСУРСИС?

Инвеститорот „Енекод“ кој беше преставуван како спасител на кавадаречки „ФЕНИ“ од страна на сегашниот сопственик „Кунико Ресурсис“ наместо понуда вчера во основниот суд во Велес побара овој суд да се изземе од надлежност со изговор дека судот во Скопје бил подобра варијанта за зашто бил поблиску до банките подносители на стечајот, Комерцијална, Стопанска и Силк Роуд Банка, како и поблиску до стечајниот управник кој е од Гостивар, иако самите банки ниту стечајниот управник не побара вакво нешто. Со ова уште еднаш се докажа дека „Енекод“ ниту има пари ниту намера да инвестира во „ФЕНИ“ туку целосно да ја блокира можноста на фабриката некогаш да проработи, а со тоа да се заташка и целиот криминал извршен во „ФЕНИ“ од страна на раководството поставено токму од „Кунико Ресурсис“, предводено од генералниот директор Јусуф Миракхмедов, против кого се отворени бројни кривични постапки за измама и организиран криминал за износ од 80 милиони евра, а истиот ја напуштил државата на 29ти октомври оваа година, а два дена претходно на свое место за директор на „ФЕНИ“ го назначил Рајчо Кацаров од бугарски „Енекод“, пишува Емагазин.

Но „ФЕНИ“ очигледно е само почеток на распадот на групацијата „Кунико Ресурсис“ откако на крајот на 2015 година беше превземен од страна на ИМР (International Mineral Resources) и Сумерсајд Сарл (Summerside Sarl) зад кои стојат истите сопственици од Казахстан. Имено, ИМР и Сумерсајд го добија сопствеништвото врз „Кунико Ресурсис“ со судска одлука со која требаше да вложи 66.5 милиони долари во сите фирми во Кунико меѓу кои и „ФЕНИ“ за сервисирање на долговите, но наместо овие средства да се искористат, менаџментот на „ФЕНИ“ се погрижил овие средства да останат нечепнати до крајот на 2016 година, до кога истакувала и важноста на влогот. А во меѓувреме долгот на „ФЕНИ“ постојано растел и веќе сега достигна неверојатни 65 милиони евра.

Од минатиот петок, алармот е вклучен и во Косово каде се наоѓа другата фабрика за никел „Њу Ко Фероникели“ исто во сопственост на „Кунико Ресурсис“. Таму од петокот струјата во фабриката е целосно исклучена, производство нема, на бројни кредитори им се должи со месеци и во милиони, а на вработените пак им се пласира истата приказна како на вработените во „ФЕНИ“ дека на повидок е нов инвеститор кој ќе ја спаси фабриката од банкрот, и исто како и во случајот на „ФЕНИ“ пред повеќе од месец дена, се зборува за „кинески инвеститор“.

Во изминатата декада од постоењето на „Кунико Ресурсис“ групацијата во своја сопственост имала и два рудника за никелова руда која ги снабдувала фабриките во Македонија и Косово со овој основен ресурс за производство од никел. Поголемиот од овие рудници „Мајаникел“ кој бил купен од канадската компанија Анфилд Голд (Anfield Gold) и кој сеуште Кунико го отплатувал, сега му е одземен на „Кунико Ресурсис“ од страна на Анфилд Голд заради неплаќање на долгот за отплата, извести Ројтерс на 10 ноември годинава, односно пред само четири дена. Како што информира Ројтерс, групација Кунико веќе неколку месеци не ги сервисирала своите долгови со што станува јасно дека банкротот на „ФЕНИ“ и косовски „Њу Ко Фероникели“ е дел од поголем план зашто без руда овие фабрики не можат да работат. Во изминатите две години овие фабрики ги трошеле залихите, па дури и оние што биле под залог кај банките, не ги исплаќале добавувачите, односно произведувале на грб на доверителите, а за продадениот никел ги отпишувале долговите во книговодството на фабриките, така што овие пари никогаш не легнале на сметките на „ФЕНИ“, за што потврди и директорот на управата за финансиката полиција во Македонија, Арафат Муареми, кој информираше дека против директорот на „ФЕНИ“, Јусуф Миракхмедов се покренати кривични постапки кои вклучуваат организиран криминал и измама од големи размери.

Од денешна перспектива, „Кунико Ресурсис“ како воопшто и да не постоел, официјалниот сајт на групацијата (www.cunicoresources.com) е изгаснат, а со тоа и било каква можност да се стапи во контакт со раководството кое ги доведе до банкрот фабриките „ФЕНИ“ и „Њу Ко Фероникели“, а го изгуби и рудникот во Гватемала кој бил основен ресурс за работа на фабриките.

Видете следно

fos

Швајцарскa инвестициска компанија заинтересирана за вложување во Македонија

Швајцарскиот инвестициска компанија ФОС Асет Манаџмент ја скенира состојбата во Македонија за инвестиции. Веќе неколку …