Филип Ивановски: Секоја компанија што создава отпад од пакување, мора да плаќа во систем за собирање на тој отпад


  1. Колку се почитува или спроведува легислативата за посебните текови со отпад? Дел од компаниите плаќаат надомест, други не, нанесувајќи штета и на буџетот на РМ, и на животната средина? Што е потребно да се направи?

Законите за управување со посебните текови отпад  повеќе години се на сила. Да појасниме, како посебни текови на отпад се сметаат отпадот од пакување, отпадната електрична и електронска опрема и отпадните батерии и акумулатори. Зa нив има посебни закони освен општиот за управување со отпад.  Тука спаѓаат и отападните масла,  старите автомобилски гуми и отпадот од текстил, но за нив се уште нема посебни закони. Конкретно, Законот за управување со отпадот од пакување е на сила од 2011, оној за батерии од 2013, а за електрична и електронска опрема е од 2014.

Овие закони се базирани на принципот “загадувачот плаќа”, што значи дека секоја компанија, независно дали произведува или увезува производи со чија продажба создава во перспектива отпад од пакување, отпадни батерии или електроника, мора да плаќа некаде во некој систем за собирање на тој создаден отпад.

Што да се направи? Ние веќе неколку години предлагаме  да се најде механизам во државниот апарат каде без доказ за плаќање на овие еколошки трошоци, компаниите нема да можат да увезуваат, учествуваат на тендери, продаваат во малопродажните ланци или поднесуваат завршна сметка. Освен ова, Државниот Инспекторат за Животна Средина и Пазарниот Инспекторат треба да ги контролираат сите производители и увозници дали се членови на некој колективен систем за управување со отпад или плаќаат некаде воопшто. Ако не се, треба да платат ретроактивно и да бидат санкционирано согласно законите.

Најлесен начин за намалување или елиминирање на неплаќачите е само доследно да се применува законот! Имено, во законите има член кој вели дека сите компании во малопродажбата (супермаркети, продавници, трафики, аптеки, ресторани, кафулиња, продавници за бела техника и други..) не смеат, пазете НЕ СМЕАТ да продаваат производи од компании кои немаат доказ дека плаќаат односно финансираат некој колективен систем за селекција и рециклирање на нивниот отпад кој го создаваат при продажбата на нивните производи! Тоа во реалноста значи дека за да го има вашиот производ на полиците во било која продавница, треба да приложите доказ дека плаќате за справување со отпадот што произлегува од продажбата на тој производ. Ако немате, продавницата не смее да го продава вашиот производ, а ако тоа го прави, ќе одговара и добие казна во висона и до 9.000 евра. Ова стои во законот за управување со отпад од пакување, но никој не го применува!

2. Државата во пракса е лош претприемач. Што доведува до заклучок дека не треба да има промена на постојниот модел на менаџирање на отпадот. Но почитувањето на истито е императив. Кои се последиците од недоследноста?

Искуствата до ЕУ покажуваат дека секаде каде државата го менаџира управувањето со отпадот од посебни текови, истото е поскапо за бизнис заедницата, но и понефикасно. Овој модел кој Македонија во моментов го има е најдобар во оваа фаза.

Законите за управување со посебните отпади постојат и генерално се во ред, но нивната примена е сфатена факултативно од компаниите, односно почитувањето на законите го сметаат како чин на нивна добра волја, а не како обврска. Проблемот е што ваквото сфаќање за примената на законите го имаат и дел од државните органи кои се задолжени за вистинска имплементација на напишаното во законите. Прогледувањето низ прсти од страна на институциите, селективната инспекција во изминативе години и толерирањето на евазијата на давачките за собирање и рециклирање на отпадот од посебни текови, дава погрешни пораки кон бизнис заедницата.

На пример, за над 40% од количините отпад од пакување кои компаниите секоја година го пуштаат на пазарот, не се плаќа во ниту еден колективен систем за собирање (како што се Пакомак и Еуро-екопак). И може да кажете дека тоа е во ред бидејќи компаните имаат опција да плаќаат и кон буџетот за таа своја обрска. Но, за жал и тоа не го прават со што директно го оштетуваат буџетот на РМ со во просек со 3-4 милиони евра годишно.

Поради ваквата евазија на плаќањето на оваа обврска, компаниите кои не плаќаат се во конкурентска предност пред оние кои плаќаат бидејќи имаат помал вкалкулиран  трошок во цената на чинење и стануваат ценовно понкурентни од компаниите кои ги почитуваат законите! Ова е најизразено кај малите батерии, кои на пазарите можете да ги купите за двојно пониска цена од оние кои се официјално увезени и за кои е платено за нивно одделно собирање и рециклирање откако ќе бидат употребени и станат отпад.

3. До каде сме со исполнување на националните цели?

Националните цели за селекција и рециклирање имаат една референтна година за евалуација, а тоа е 2020 година. До тогаш, се предвидува најмалку 60% од отпадот од пакување да се рециклира и да се собира и носи на рециклирање најмалку 4 кг/жител електричен и електронски отпад. До 2020 година, целите треба постепено да се постигнуваат. За отпад од пакување на пример, зза 2018-та година се планира стапка на рециклирање или енергетско искористување од 50%, во 2019-та 55% и на крај во 2020 крајните 60%.

Во управувањето со отпадот од пакување тоа значи дека ако пријавите како компанија 500 тони годишно различен отпад од посебни текови, колективниот постапувач каде оваа компанија е клиент мора документирано да собере и однесе  на рециклирање најмалку 50% од пријавенииот отпад, односно 250 тони.

Ние како Асоцијација побаравме и понатаму ќе бараме промена на овие национални цели онаму каде не се реално достижни како на пример стаклото и металот, односно зголемување на националните цели за рециклирање на оние фракции клои сметаме дека се прениски, како на пример за хартијата и пластиката. Вреди да се каже и дека колективните постапувачи одговараат за исполнување на националните цели, но само за делот од количините кои компаните ги пријавуваат кај нив, а не за целите на национално ниво во кои влегуваат количините од компаниите кои не плаќаат никаде и никој не ги санкционира.

4. Имајќи во предвид дека граѓаните имаат големи очекувања од општините. За поставување повеќе контејнери за селективен отпад, поголема хигиена, за едукација.

Граѓаните со право  очекуваат да добијат можност да го селекетираат отпадот во близина на своите домови. Тоа претпоставува поставување контејнери или садови за селекција безмалку на секоја улица односно на секоја втора или трета локација каде сега има обични контејнери за смет. Ние се обидуваме, согласно од искуствата од ЕУ земјите, на 600-800 жители во урбаните места да поставиме барем едно место или локација за селективно одлагање на отпадот од пакување. Тоа би значело дека во Скопје треба околу 500-700 локации на кои граѓаните можат одделно да го одлагаат отпадот од пакување од оној општ комунален отпад. Засега сме на 1/3 од овој план, но до 2020 сакаме да ги постигнеме интерните стандарди.

За жал,  одредени општини не се заинтересирани за соработка, други се заинтресирани и добиваат контејнери од нас, но потоа јавното комунално претпријатие не ги празни редовно и се создаваат мали ѓубришта околу контејнерите за селекција на отпадот. Секако, има и мал број општини кои сакаат соработка и активно го селектираат и собираат отпадот од посебни текови.

Голема негативна улога во правење лоша слика за селекцијата на отпадот имаат и т.н неформални собирачи. Тие ги перцепираат контејнери за селекција како нивни конкуренти и истите ги превртуваат, оштетуваат и онеспособуваат за користење од страна на граѓаните за намената за која се поставени. При тоа прават комплетно нехигиенска слика на тие локации и лоша слика за градовите воопшто. Овој проблем мора да се надмине во соработка со општините, преку зголемување на ефикасноста на нивните комунални претпријатија и вклучување на соодветните институции и министерства кои се занимаваат со неформалните собирачи.

 

5. Со какви предизвици се соочуваат постојните компании за управување со посебните текови на отпадот?

Ние  се соочуваме секојдневно со предизвикот да се подигне еколошката свест на граѓаните бидејќи од нив почнува се и без активно учество на граѓаните не може да изградиме систем за селекција на отпадот. Во таа наша мисија, клучна е соработката со општините кои ги имаат механизмите да им овозможат на своите граѓани да го селектираат отпадот од поеебните текови и истиот да го рециклираат. Истовремено, општините се алката во ланецот на собирање и рециклирање кои може да ги мотивира граѓаните и компаниите на својат атериторија да го селектираат отпадот, но и да ги санкцонира доколку тоа не го прават.

Убедени сме дека во следниот период од 3 години може многу да се унапреди селекцијата на отпадот, особено доколку се доенсат вистински одлуки во регионланиот пристап на решавање на управувањето со отпадот, како што најави Владата. Покрај стимулирачки мерки за селекција на отпадот од страна на граѓаните и компаниите, мора да се користат и санкционирачки мерки за оние кои тоа не го прават, а им е овозможено. Ниту Германија, ниту Белгија, ниту Швајцарија не постигнале ниво на управување со отпадот и негово рециклирање без примена на казни за компаниите и граѓаните кои не се совесни. Оние кои имале можност да живеат во овие земји, знаат како е тоа регулирано.

6. Какви се искуствата од развиените земји, каква е иднината на системот за управување со посебните текови  на отпадот во Македонија?

Развиените земји почнале со имплеменатција на законите за управување со посебните текови на отпад уште пред 20-тина години, со истиот модел на колективни постапувачи како што го имаме и ние во Македонија. Ако ги земеме в предвид резулатите кои сега ги имаат, може да кажеме дека сме на добар пат, но треба истрајност и конзистентност во она што го работиме и промовираме. Секако, поддршката од институциите кои се засегнати со управувањето со отпадот е од огромно значење, особено тука мислам на општините, идните регонални претпријатија кои ќе се направат, пазарниот и државниот инспекторат за животна средина, министерството за животна средина, како и министерството за труд и социјала кое треба да помогне во решавање на проблемот со неформалните собирачи.

Фактот дека и овој модел кој ние го практикуваме е фуквионален и по 20 години во земјите од ЕУ, ни дава за право, како компании основани од бизнис заедницата, да тврдиме дека немаме поефикасна и поекономична опција за бизнисот во Македонија. При тоа, исполнувањето на целите за рециклирање на индустријата која ги почитува законите ни останува главна задача. Делот од бизнис заедницата која не работи согласно законите за управување со посебни текови на отпадот мора да биде предмет на опсервација на државните институции, бидејќи толерирањето значи нарушување на конкурентноста на компаниите и директно оштетување на буџетот на Р. Македонија.

Видете следно

Новиот Opel Combo прогласен за Меѓународниот ван на годината 2019

Новиот Opel Combo Cargo е меѓународен ван на годината за 2019 (IVOTY), најпосакуваната титула во …