17/01/2018
brankoazeski

Интервју со Бранко Азески, Претседател на Стопанската комора на Македонија: Македонската економија денес и утре

Само со брзи и длабоки реформи Македонија ќе успее на патот кон одржлив раст и развој. Немаме време за реформи кои ќе ни покажат дека треба да правиме реформи.

1. КАКО ЈА ДЕФИНИРАТЕ МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ДЕНЕС, ЗОШТО ПОСЛЕ ТОЛКУ ГОДИНИ ТРАНЗИЦИЈА НЕ УСПЕАВМЕ ДА ОБЕЗБЕДИМЕ ОДРЖЛИВ ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ?

-Македонската економија денес е економија зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик и без значајни предности кои овозможуваат избегнување на закани и искористување на потенцијалните можности.

Македонија, денес, по 27 години од осамостојувањето, со 5.237 САД долари номинален бруто домашен производ по жител, или со 4.980 САД долари бруто национален доход по жител за 2016 година, според рангирањето на Светска банка, е на долната скала од земјите со повисок среден доход (земји кои имаат БДП по жител од 4.036 САД долари до 12.236 САД долари). Македонската економија, по речиси три децении, не успеа да се искачи на погорните скалила од средно развиените земји во транзиција. Обидувајќи се да не падне во стапицата на среден приход на почетокот на 1990-те, Македонија падна во стапица на транзиција од која се` уште не може да излезе.

Постигнатиот економски раст, со неговата структура, односно со структурните дисбаланси кои ги има, не ги обезбедуваше основните претпоставки за забрзан и стабилен одржлив развој.

Една од причините е негативната просечна годишна стапка на БДП од – 0,8 % во деценискиот период од 1990-2000 година, како и недоволно динамичниот економски раст со стапка од 2,9% во следните 16 години, во периодот од 2000 до 2016 година, посебно поради заостанувањето во текот на деведесеттите години и изгубениот потенцијален БДП во периодот од 1990-2000 година.

Втора причина е структурата на растот. Просечната стапка на раст на бруто-додадената вредност на услугите од 0,5% во периодот 1990-2000 година и 2,8% во периодот од 2000 до 2016 година (односно 1,65% просечен годишен раст за изминатите 26 години), условија учеството на бруто-додадената вредност на услугите во формирањето на БДП континуирано да расте, од 18,9 % во 1991 година, на 27,5% во 2000 година, за во 2016 година да достигне 38,4% од бруто-додадената вредност во БДП.

Истовремено, реалниот сектор оствари пониски стапки на раст од услугите и тоа:

– земјоделството евидентира раст од 0,2% во периодот 1990-2000 година и 1,5% од 2000 до 2016 година, или 0,7% просечна стапка за изминатите 26 години;

– индустријата има негативна стапка од 2,3% во периодот 1990-2000 година, а позитивен раст од 5,2% во периодот 2000-2016 година, што е 1,45% просечен годишен раст за 26 години;

– преработувачката индустрија, како дел од индустријата, забележа пад од -5,3% во периодот 1990-2000 година и раст од 4,2% во периодот 2000-2016 година или -1,1% просечно годишно намалување за изминатите 26 години (што ја потврдува деиндустријализацијата во нашата земја). Дополнителен податок кон оваа теза е и фактот дека учеството на бруто-додадената вредност на реалниот сектор во формирањето на БДП од над 27% во 1990 година, се намали на 17,3% во 2000 година, за да падне на само 12,9% во 2016 година.

Видете следно

venecuela2

Венецуела: 2616% инфлација

Инфлацијата во Венецуела достигна 2616% на крајот од 2017 година. Таквите податоци ги објави Комитетот …