13/12/2017
SAS_1486

Интервју со Полексена Јанкуловска, „Бимилк“: Свесни сме за моќта на дигиталните медиуми и затоа сме една од најактивните компании токму на овие медиуми

Битолска млекара е најголемиот производител на млеко и млечни производи во Македонија, која неодамна прослави 65 години од своето работење. Денес компанијата може да се пофали со годишeн капацитет за преработка на над 90 милиони литри млеко и производство на повеќе од 54 различни производи.

Инвестициите во нови софистицирани технологии им овозможија проширување на асортиманот и креирање на производи кои што ја потврдуваат лидерската позиција на оваа компанија во индустријата.

Бизнис Вести разговараше со маркетинг менаџерот на „Бимилк” Полексена Јанкуловска:

Како ја оценувате бизнис-климата во млекопроизводството? 

Генерално, сметам дека во Македонија има потреба од млеко, пред сè, висококвалитетно сурово млеко, и во таа насока развојот и растот на локалните млекарници има позитивен придонес за стопанството и за економијата. Сепак, неспорен е фактот дека млечната индустрија отсекогаш се соочувала со предизвици, и малку се оние брендови и компании што успеваат долгорочно да ја обезбедат довербата на корисниците, како и постојано да се подобруваат и да напредуваат.

Кога велам предизвици, мислам, пред сè, на потребата од поголеми количини сурово млеко, намалена куповна моќ на населението и намалена консумација на млеко и млечни производи по глава на жител, меѓутоа ако кон тие предизвици се пристапи професионално, позитивно и со заеднички пристап на сите засегнати страни, тие лесно може да се надминат и да прераснат во придобивки и за млекопроизводителите и за потрошувачите, но и за севкупната економија.

Последиците од економската криза се чувствуваат во изминативе години, меѓутоа тоа не треба да биде оправдување за неинвентивно работење, туку напротив, треба да претставува дополнителен предизвик за пофокусирано работење низ сите деловни процеси.

Ние како компанија со најголема преработувачка на млеко сметаме дека и натаму има потреба да се развиваат примарното производство и преработката на млеко со цел да дадат поголеми и поквалитетни количини сурово млеко, но, исто така, македонските компании треба да ги развиваат и своите компетенции во производството и пласманот на производи, како на домашниот, така и на странскиот пазар. Тоа, се разбира, е тежок и макотрпен процес што не е поврзан само со производството, туку и со маркетингот, каналите за продажба, поддршката од државата итн. Токму затоа, компаниите треба да пристапат кон преструктуирање на активностите, засилена комуникација со потрошувачите и кон изнаоѓање покреативни начини за пристап до нив.

Како се носите со конкуренцијата на пазарот?

Секогаш е добро да постои конкуренција, бидејќи инаку како би се стремеле да бидеме подобри, како би ги следеле трендовите на другите пазари, но и како потрошувачите би имале поголем избор и би знаеле да го оценат и да го изберат најдоброто.

tinex38

Истовремено, пазарот на кој дејствуваме наметнува фер политика за потрошувачите и тоа нас дополнително нè стимулира за конзистентност, транспарентност и за систематски пристап кон сите инволвирани страни: кооперанти, потрошувачи, дистрибутери, медиуми и регулатори.

Во секој случај, како што напомнав и претходно, и за нас и за конкуренцијата дополнителен предизвик е тоа што домашниот пазар е еден од најмалите во регионот според консумацијата на млечни производи по глава на жител. Ниската куповната моќ на потрошувачот, за жал, е најниска во Европа и таа јасно ја детерминира сликата на пазарот, што всушност ја генерира и ниската консумација на млеко и млечни производи. Токму поради овој факт сметам дека сите играчи во млечната индустрија во Македонија, но и сите останати клучни фактори во земјава, кон овој проблем треба да имаме систематски и синергичен пристап.

Сепак, да се биде бренд со тежината на името „Млекара Битола“ наметнува и друг дополнителен предизвик, во смисла да се биде и чекор понапред од конкуренцијата. Ние сме најголемата и најсовремена млекарница не само во државава, туку и пошироко, па оттука, мора постојано да работиме со дисциплинирана координација на повеќе полиња. Воведувањето најсовремени процесни технологии за подобрување на производот, лансирањето нови производи, зголемувањето на ефикасноста во работењето, одржувањето здрава финансиска состојба, зголемувањето на капацитетите се само дел од стратешката цел за издигнување на активностите во компанијата, а тоа доведува да постигнеме максимални перформанси во секој сегмент од нашето работење, но и да се носиме со неуморната конкуренција на пазарот.

Видете следно

turistimk

Бројот на туристите е зголемен за 12.1%, а бројот на ноќевањата за 6.4%

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во октомври 2017 година изнесува …