23/11/2017
hranasssr1

Како СССР се обиде да го реши недостатокот од храна?

16 август 1956 година беше одбележан со нов поттик на советските власти во облик на кампањата „Девствени полиња“. Милиони луѓе отпатуваа во источните региони на земјата за да се обидат да го зголемат земјоделското производство. Но, нештата тргнаа по надолна линија по охрабрувачкиот почеток, пишува Руска Реч.

Кампањата „Девствени полиња“, која имаше за цел искористување на новите земјишта за земјоделско производство, е покрената во 1954 година. Тоа беше идеја на Никита Хрушчов кој беше на чело на Советскиот Сојуз за време на студената војна. Тој планираше претворање на необработливите територии во обработливи површини со цел драматично зголемување на производството на житарки и на тој начин да се бори со недостатокот од храна во СССР.

На 16 август 1956 година владата донесе декрет: „Наводнување и расчистување на Девствените полиња“. Над 1.5 милиони луѓе отпатуваа во степите на Казахстан, во Поволжје, Сибир и Урал, со цел да одгледуваат житарки.

Властите се потпираа на ентузијазмот на младите. Во проектот волонтираа околу 300 илјади членови на Комсомолот (Комунистички младински сојуз, основан во 1918). Во кампањата за текот на педесеттите години од минатиот век учествуваа вкупно 1.7 милиони луѓе.

Леонид Брежњев, кој во 1964 година го замени Хрушчов на чело на СССР, претходно беше именуван за прв секретар на Комунистичката партија на Казахстан во 1955 година. Подоцна ја објави книгата „Девствените полиња“.

„Пикот на Девствените полиња беше во 1956 година. Приносите беа огромни“, пишува Брежњев. Навистина, таа година приносот бил исклучително висок. Произведени биле над 125 милиони тони житарки, што било најголемо производство кое Советскиот Сојуз го има доживеано. Половината од тоа е произведено на Девствените полиња. Но, потоа производството почнало да опаѓа.

Резултатите од кампањата беа амбивалентни. Од една страна, земјишната маса користена за одгледување житарки е зголемена за 45 милиони хектари. Поголемото количество житарки извесно време го ублажи недостатокот од храна, но тоа не беше долгорочно решение.

Од друга страна, секоја жетва беше непредвидлива. Исто така, животните услови на оние кои заминале да ги култивираат Девствените полиња биле оскудни. Немало доволно машини. Условите на сувата земја во Казахстан не биле поволни за производство на житарки, а проблем бил и ерозијата на земјата.

Во текот на педесеттите години од минатиот век Девствените полиња „голтаа“ 20% од сите советски вложувања во земјоделството. Критичарите истакнуваат дека програмата ги занемарила останатите рурални подрачја на Советскиот Сојуз. Еден од противниците на Хрушчов во советскиот врв Вјачеслав Молотов тврдеше дека големината на кампањата била грешка, нарекувајќи ја „непромислен обид“.

Видете следно

svetska banka

Програмата на Светска банка – Австрија за урбано партнерство ги поддржува општинските лидери во Југоисточна Европа

Претставници од локални и од централните власти од седум земји од Југоисточна Европа (ЈИЕ) денес …