Одржана презентацијата на зелената бизнис идеја „Наша Добра Земја“


Вчера, 28.01.2016, се одржа презентација на зелената бизнис идеја на првата кооператива на потрошувачи на органска храна „Наша Добра Земја“ која минатата година освои 10 000 долари на регионалниот натпревар „Филантропија преку зелени идеи“. Проектот со кој „Наша Добра Земја“ победи на регионалниот натпревар се реализира од декември 2015-та година и со оваа иницијатива Македонија направи чекор напред во производството на хемиски нетретирана храна.

Иницијативата на „Наша Добра Земја“ е насловена како „Поддршка на мали маргинализирани органски производители во Македонија“ и се одвива во три фази: изработка и објава на стандард „Наша Добра земја“ за хемиски нетретирано одржливо производство, пермакултурна обука за нови локални мали производители и изработка на информативни содржини (онлајн библиотека, видео, брошура) и организирање на промотивни настани за кревање на свесноста околу локалното хемиски нетретирано и одржливо производство.

„Со овој проект очекуваме да инспирираме најмалку 5 локални производители да произведуваат според пермакултурни принципи и производите да ги пласираат во Наша Добра Земја. Направивме детални почвени тестови од нивните парцели, во тек е пермакултурна обука преку која избраните производители се стекнуваат со детално знаење за одржливите практики на производство и живот воопшто. Во производството на храна гледаме пошироко – во соработката со производителите партнерство и обострана доверба. Конзумирај што повеќе локално произведена храна од производител кој лично го познаваш! Повелете во нашата продавница во Тафталиџе доколку сте љубители на органската (исклучиво само македонска, локалнa!) храна и градинарство. Ветувам ќе си заминете со насмевка и ќе се зачудите дека и во Македонија може такво нешто да постои” -изјави Биљана Филиповска, ко-основач на „Наша Добра Земја“

„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија и кој се одржува од 2012-та година, а е поддржан од фондот на браќата Рокфелер од САД. По 4 години активно учество, Македонија конечно има свој победник-кооперативата „Наша Добра Земја“.

Во Македонија од 2015-та година овој конкурс го организира Здружението за социјални иновации „АРНО“.

„Секој година на форумот се натпреваруваат 15 зелени бизнис идеи од 5 балкански држави и интересно е да се види разноликоста на идеите:од производство на органски сапуни, до модни додатоци со родови пораки, фарми за црви, алтернативен туризам, до 3Д технологии, употреба на соларна енергија, до ред други креативни идеи кои се мали, но можат многу да помогнат на малите заедници и затоа се значајни. Ние како организација сме горди на успехот на „Наша добра земја“ и се надеваме и дека в година ќе имаме победнички идеи. Ова е само почеток, и во духот на органското производство може да кажеме дека „што ќе си посадиме, тоа ќе никне“ , па така, апел до сите да ги следат нашите објави бидејќи наскоро конкурсот ќе биде повторно отворен.“ -изјави Ирина Јаневска, претседателка на Здружението за социјални иновации „АРНО“


Видете следно

Петнаесеттина странски медиуми акредитирани за известување од изборите

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија ќе ги следат новинарски екипи од петнаесеттина странски медиумски …