Office 365 за подобра едукација, настава и учење


Во Скопје Мериот Хотел од страна на 10-те финалисти на 365 challenge беа претставени придобивките од Office 365. Значењето на дигитализацијата беше потенцирано од страна на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, директорот на Мајкрософт Македонија, Љупчо Георгиев и водечкиот менаџер за развој на бизнисот во областа на образованието, Влора Адеми.

„Свесни за брзото темпо со кое се движат промените во ИКТ сферата, постојано работиме на подобрување и развивање на дигитализацијата во сите сфери од нашето живеење. Тоа не е лесно. Особено во еден инертен и обемен систем како што е администрацијата. 2018 година ќе биде година на видливи резултати во областа на дигитализацијата на услугите кои државата ги овозможува на граѓаните.“, порача министерот Манчевски. Тој додаде дека Владата на Република Македонија ги менува политиките, особено во делот на искористеноста на ИКТ во образованието и дека до сега се набавувал хардвер, без некаков план за негова примена и затоа денес, училиштата се пренатрупани со компјутери кои не се користат и тие се веќе застарени и голем дел од нив неупотребливи како обично железо.

„Треба да се даде поголемо значење на самата индивидуа, а поголемо значење од значењето кое вие може да го дадете на тие ученици не постои. Тука кога се градат самите ученици, кога се спремаат за новите предизвици кои што доаѓаат. Не збориме за дигитализација, збориме за нови трендови. Она што е потребно на секој тој ученик е таа содржина каде што ќе учи, каде што ќе се развива неговата логика, каде што ќе се развива неговата креативност. Како тие млади генерации ќе бидат спремни за предизвиците кои што доаѓаат? Има само еден начин. Ако се прилагодат на новите трендови на новото општество и на новите предизвици. Сето тоа, дали ќе биде со помош на игра, дали ќе биде со помош на некои одредени содржини прилагодени на секоја возраст од тоа дете ученик или студент Мајкрософт се труди да ги поттикне, да им даде храброст баш како што е и визијата на Мајкрософт. Начин како можат да постигнат повеќе. Ако не успееме да го вметнеме тоа во тие паметни детски глави ние нема да успееме да стигнеме таму каде што сакаме да сме.“, истакна Георгиев пред наставниците и специјалните гости на 365 Challenge.


Видете следно

Државата ќе поддржува брзорастечки иновативни бизниси

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и …