17/10/2017
putinerdogan

Русија и Турција го делат Балканот, ЕУ молчи

Русија ја поддржува турската економска експанзија на Балканот, со цел и двете страни да креираат свои сфери на влијание во регионот. САД очигледно го изгубиле интересот кон полуостровот, а одговорот на Брисел сепак се чека.

Ова се заклучоците во анализата на Томислав Крешович за српското издание BKTVNews.

Балканот се традиционален пазар за Турција, во кој таа се натпреварува со економиите на ЕУ, пред се на Германија и Италија, како и со онаа на Русија. Глобално гледано, Анкара сака да биде еден од лидерите во регионот.

Таа се гледа себеси како значаен регионален инвеститор, пред се во инфраструктурата, градежништвото, земјоделството, трговијата и туризмот.

Своето влијание Турција го насочи кон Босна и Херцеговина, Косово, Санџак, Македонија, Албанија, но истовремено и кон Бугарија и Грција. Главната цел на оваа надворешна политика е проширување на економската дипломатија во целиот регион на Западен Балкан.

Податоците за 2016 година покажаа зголемен извоз од Србија и Босна кон Турција. Во оваа насока Босна извезе стоки за 650 милиони марки, додека во 2015 година, обемот на извозот бил 500 милиони. Минатата година српскиот извоз во Турција бил 900 милиони долари, а во 2015 година меѓу 700 и 800 милиони.

Во исто време Турција учествува во поврзувањето на пазарите на Србија и Албанија. Во последните 20 години турската Агенција за соработка и координација реализирала над 800 проекти во Босна, а голем дел се во Република Српска.

Со еден збор официјална Анкара се обидува да стане клучен фактор на Балканот. Доказ за тоа се и големиот број проекти во сферата на градежништвото и, особено, при изградбата на патишта. Американско-турската компанија ” Enka-Behtel ” гради патиштата на Балканот, пред се во Албанија, Косово и по ходниците Е-10 и Е-8.

Русија ќе го поддржи ова економско влијание на Турција на Балканот главно поради стратешките енергетски интереси (гасоводите).

Така Анкара ќе стане нејзин стратешки партнер и двете страни ќе експлоатираат на балканскиот, но и европскиот пазар. Тоа е и јасно запишано во меѓувладиниот договор меѓу Русија и Турција.

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Ердоган разговараа за време на средбата во Москва на 10 март и за можноста на Анкара да го достави противвоздушниот систем “С-400″.

Очигледно е дека Русија сака преку Турција да има поголема улога на Балканот и така да конкурира со влијанието на ЕУ и САД.
Поради тоа Москва и Анкара ќе работат врз поделбата на своите интереси на полуостровот. Турците ќе го зголемат своето влијание меѓу муслиманското население, а Русите – меѓу православното.

Крајно време е Брисел да осознае дека Балканот треба да се претвори во геополитички приоритет за ЕУ.

Со оглед дека американската администрација загубила интерес во регионот, Брисел не би требало премногу да чека. Ако го направи тоа, многу брзо ќе се соочи со фактот дека некои источни големи сили создале свои зони за влијание и интереси.

Видете следно

stevce

Стевче Јакимовски заработи кривична пријава

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Коалицијата Сексуални и здравствени права на …