Се одржа редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ


На 9 јануари 2018 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека монетарната поставеност е соодветна и беше одлучено аукцијата на благајнички записи на 10 јануари да се спроведе под непроменети услови, односно да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари и каматна стапка од 3,25%.

Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на макроекономските проекции од ноември минатата година, при што беше заклучено дека економските основи се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата. Сепак, беше истакнато дека сѐ уште постојат сегменти каде што се присутни одредени ризици и коишто упатуваат на потреба од одржливо подобрување на очекувањата и довербата на економските субјекти. Во вакви услови на здрави економски основи, но и понатаму присутни ризици, потребна е внимателност во однос на промените во монетарната поставеност.

Во однос на најновите макроекономски показатели, по падот на активноста во првата половина на 2017 година и умереното закрепнување во третиот квартал, досега расположливите високофреквентни показатели за активноста во последното тримесечје од минатата година, генерално упатуваат на понатамошно закрепнување на економијата. На ваква констатација посочуваат податоците за активноста во индустријата и во трговијата, додека градежната активност продолжи да се намалува. Воедно, на подобри економски услови во последното тримесечје посочуваат и показателите за економскиот сентимент на економските субјекти.

Податоците за инфлацијата за 2017 година покажуваат просечен годишен раст на ценовното ниво од 1,4%, кој се должи на растот на базичната инфлација, а во мал дел и на енергетската компонента. Остварувањата кај инфлацијата се во согласност со проектираната просечна инфлација за 2017 година од 1,3%. Во услови на остварувања во рамки на проекцијата, а при истовремена ревизија на очекувањата за одделните увозни цени во различни насоки, засега ризиците околу проектираната инфлација за 2018 година од 2% се оценуваат како урамнотежени.

Видете следно

Објавен редовниот конкурс за учениците од основите и средните училишта по повод Светскиот ден на штедењето и Светскиот ден на осигурувањето

Денес, Народната банка на Република Македонија (НБРМ), Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија за …