550 ДОМАЌИНСТВА АПЛИЦИРАЛЕ ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА НАБАВКА НА ПЕЧКИ НА ПЕЛЕТИ


Град Скопје ги информира граѓаните дека се исцрпени средствата предвидени за субвенции за набавка на печки на пелети за 2019 година, односно до денеска до 15 часот се пристигнати околу 550 барања.

Со ова, условот за завршување на јавниот повик на Град Скопје е исполнет, а барањата на граѓаните за надоместување на дел од трошоците за набавка на печки на пелети за 2019 година вработените во архивата на Град Скопје нема да ги примаат.

Со јавниот повик за субвенции за набавка на печки на пелети, Градот Скопје на граѓаните што имаат купено печки на пелети од 07.11.2018 година до денот на завршувањето на повикот ќе им надомести дел од трошоците за набавка на печката во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство. Овој повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Право на учество на овој јавен повик имаа жителите на градот Скопје (во општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај) кои имаа купено печка на пелети за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) од 07.11.2018 година до денот на завршувањето на повикот и поднесоа барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на печката на пелети. На јавниот повик немаа право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во него.

Стимулирањето на граѓаните да користат почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови – печки со повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот е една од мерките кои Градот Скопје ги презема во насока на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух и борба против аерозагадувањето во зимските месеци.

За неполни две години, во три акции, се доделени вкупно 572 субвенции за набавка на печки на пелети.



Видете следно

Од денеска до 3 ноември, во МСУ ИЗЛОЖБА НА 17 ИДЕЈНИ РЕШЕНИЈА ЗА УРЕДУВАЊЕ НА КАЛЕ

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Уметничка тврдина: Меѓународен конкурс за изработка на …