68 години од смртта на Панко Брашнаров – најстариот делегат од Првото заседание на АСНОМ и најстариот затвореник на Голи Оток


Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар; 9 август 1883 (нов стил) – 13 јули 1951) — македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор.

Панко Брашнаров е роден во Велес. Образованието го започнува во родниот град во месната Егзархиска прогимназиja. По завршувањето на прогимназијата, во 1900 година школувањето го продолжува во Машкото педагошко училиште во Скопје. Учителствувањето го започнува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. По Младотурската револуција зачленува во Народната федеративна партија. Учителствува до почетокот на Балканските војни како егзархиски учител. Уште пред Балканските војни учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес која е дел од Македонско-одринската социјалдемократска група на членовите на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“. По војните во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година. За време на Првата светска војна станал воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран.

По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров бил член на Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа повторно станува бугарски учител (бидејќи администрацијата била бугарска). Од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.

Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.

60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.


Видете следно

Нова медицинска опрема на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија

Современа медицинска опрема, која се состои од два столба – специјални апарати за лапароскопска хирургија …