Јаневски: Општина Струмица е финансиски стабилна, развојно ориентирана и економски просперитетна


Општина Струмица е финансиски стабилна, развојно ориентирана и економски просперитетна, оцени денеска градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски во отчетот за тригодишното работење.

Истакна дека заради пандемијата од Ковид-19 одредени планирани активности претрпеле промени и задоцниле со реализацијата, но во наредниот период се очекува нивно завршување.

Јаневски во отчетот информираше за реализираните активности по области и според него значително е подобрена патната инфраструктура со асфалтирање и поставување на втор слој асфалт на вкупно 66.743 метри квадратни. Потеницираше дека е изграден мост во селото Сачево, во завршна фаза е изградбата на мостот на реката Турија меѓу населените места Просениково и Сарај.

-Наш приоритет во овој период беа децата од предучилишна и училишна возраст. Обезбедуваме еднократна парична помош за секое новороденче, училишни униформи за првачињата, здрава ужина за сите ученици во основните училиштата, училишен прибор за учениците од социјално загрозените семејства, личен и образовен асистент за деца со попреченост, обезбедивме превоз со специјално возило за учениците со попреченост со придружба од лиценциран асистент од нивните домови до училиштата, финансиска поддршка за превоз на ученици од Заводот за заштита и рехабилитација во Банско, рече градоначалникот Јаневски.

Додаде дека е инвестирано во реконструкција на училиштата, а општината го решава и проблемот со сместувачките капацитети за децата од предучилишна возраст.

-Преадаптиравме општински простории во градинки во Куклиш и Муртино за 86 деца, градиме нова градинка на просторот во касарната со капацитет за 310 деца, во тек е доградба на „Клон 2″ во паркот и адаптиравме нови простории за целодневен престој на децата, подвлече Јаневски.

Во отчетот тој потсети и за бројните зафати и инвестиции во населените места и градот преку подобрување на водоводната и канализациската инфраструктура, а меѓу приоритети била и заштитата на животната средина.

На крајот рече дека во во овој тригодишен период се донесени 9 детални урбанистички планови, една локално урбанистичка планска документација, 110 архитектонско-урбанистички проекти, а во тек се 5 постапки за донесување на Архитектонско урбанистички проекти, и 10 постапки за донесување на Урбанистички проекти, како и повеќе постапки за измена и донесување на детални урбанистички планови и урбанистички планови за село и една постапка за измена и донесување на генералниот урбанистички план. Во овој дел посебно го нагласи донесувањето на деталниот урбанистички план за месноста Софилар, со кој конечно ќе може да се решат проблемите на граѓаните кои живеат во овој дел од градот. рт/мд/

Струмица, 24 ноември 2020 (МИА) – 


Видете следно

Во Македонска Каменица продолжи традицијата на доделување пакети на најстариот жител и рудар

Градоначалничката на Општина Македонска Каменица ја продолжи традицијата на доделување пакети со пригодни подароци за …