Breaking News

АД ЕСМ целосно го снабдува регулираниот пазар, набавките на енергија се наменети за дополнителните снабдувања


АД ЕСМ има законска обврска да го снабдува регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи, и истото го прави по задолжение од Влада во 100 проценти, иако законот за 2022 година предвидува 60 проценти снабдување. Стопроцентното снабдување е со цел да не дојде дo зголемување на крајната цена за граѓаните, се вели во реакцијата ма компанијата на објавата на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не неговиот фејсбук-профил.

Набавките на електрична енергија коишто се прават, се наменети за дополнителните снабдувања кои АД ЕСМ ги врши по задолженија добиени од Владата, според кои со дел од преостанатата произведена електрична енергија, а дел набавена, потребно е да се снабдат количините за техничките загуби на енергија при дистрибуција во мрежата на Електродистрибуција и во мрежата на МЕПСО, исто така по пониска цена за да не дојде до покачување на крајната цена на струјата за граѓаните.


-По препораки од Владата, АД ЕСМ преку ЕСМ Продажба исто така снабдува одреден број витални објекти, како болници, клиники, детски градинки и субјекти од значење за државата. Во планот на АД ЕСМ предвидени беа одредени набавки за октомври, ноември и декември. За октомври беа предвидени 48.000 MWh, но се набави 0, односно немаше набавка на струја. За ноември беа планирани 72 000 MWh, а се набавија 87.000 MWh. За декември се планирани 48.000 MWh, а се уште не се знае колку ќе се реализира, велат од АД ЕСМ.

Во однос на начинот на плаќање на електричната енергија при нејзина набавка, од компанијата нагласуваат дека таа секогаш се плаќа авансно и оти наведениот начин се користел и во времето кога Христијан Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ и ги вршел набавките.


-АД ЕСМ ги демантира лагите за некакви провизии. Напоменуваме дека е крајно несериозно и неодговорно за личност која е професор, поранешен директор на ЕЛЕМ и партиски лидер да искажува невистини за вработените во АД ЕСМ и за „провизии”, со оглед на тоа што набавките на електрична енергија се вршат од водечки европски и меѓународни компании во дејноста, и ваквите инсинуации не остануваат незабележани од сите субјекти кои неосновано се инволвираат, се вели во реакцијата на АД ЕСМ. сст/ац/

Скопје, 30 ноември 2022 (МИА)