Адеми: Во текот на 2018 година Министерството за култура даде поддршка за реализација на веќе етаблирани, но и нови фестивали


Министерот за култура Асаф Адеми денеска во Министерството за култура одржа прес-конференција на која направи пресек на проектите и активностите што се реализираа во 2018 година со поддршка од Министерството за култура, со посебен осврт на изминатите седум месеци од неговото назначување на оваа функција.

Тој информираше дека оваа година беа поддржани повеќе од 2 000 проекти, кои беа дел од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата и од конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“.

Во своето обраќање пред новинарите, министерот Адеми посочи дека и покрај фактот што Министерството за култура за 2018 г. располагаше со буџет од 3 696 695 000 денари, кој со Ребалансот беше намален за 2,21 % и изнесуваше 3 614 695 000 денари, средствата беа рационално искористени за поддршка на реализацијата на проектите од Годишните конкурси, за капитални инвестиции, за поддршка на уметниците и за подобрување на условите за работа во институциите од областа на културата.

Адеми информираше дека во текот на 2018 година беа формирани две нови национални установи,  и тоа: „Гостиварски театар“, институција чија прва премиера се очекува следната година, и „Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Македонија“ – Скопје, кој неодамна го реализираше и својот прв концерт. Адеми посочи дека од особено значење за културните работници е и одлуката со која од март следната година ќе се изврши нивелација на платите на вработените во институциите од областа на културата, а на која се чекаше подолго од една деценија. Министерството и годинава продолжи со поддршката за уметниците во делот на месечните надоместоци за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход, и тоа за вкупно 109 уметници, а двојно беше зголемена и поддршката за Конкурсот за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри.

Тој посочи дека во делот на капиталните инвестиции  интензивно се работеше на веќе започнатите проекти, како: изградбата на новиот објект наменет за Театарот и Библиотеката во Тетово, изградбата на Театарот во Струмица, реконструкцијата на објектот што го користи Албански театар. Меѓу позначајните проекти кои беа завршени оваа година се проектите за: реконструкција на покривот на објектот на Драмскиот театар; реконструкција на покривот и санација на влезното фоаје на постојниот  објект на Театарот во Прилеп; реконструкција на кровната конструкција на објектот кој го користи  Театарот Комедија – Скопје; реконструкција на објектот на Центарот за култура во Кочани; реконструкција и санација на галерискиот простор Чифте Амам; санација, поправка и тековно одржување на објектот на Конзерваторски  центар – Гостивар и други проекти.

Во текот на 2018 година Министерството за култура даде поддршка за реализација на веќе етаблирани, но и нови фестивали, манифестации, проекти во продукција на националните институции, на другите корисници, како и за гостувањата на еминентни уметници и ансамбли од странство. Во тој контекст, Адеми ја спомна и реализацијата на околу 380 настани во рамките на конкурсите „Нов културен бран“ и „Млади Европејци“ со кои значително се збогати културната понуда во сите градови во земјава. Инаку, во рамките на Годишните конкурси за 2018 година, беа реализирани значајни проекти од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, музичко-сценската, издавачката и  музејската дејност како и проекти од областа на заштитата на културното наследство и претставување на македонската култура во светот.

Во врска со театарската дејност, Адеми посочи дека годинава се реализирани 22 театарски фестивали и манифестации во 11 општини, кои предизвикаа голем интерес кај публиката, а во театрите режираа повеќе еминентни режисери од земјава и од странство. Годинава помина и во знакот на одбележувањето на 70 години од формирањето на Националната галерија на Македонија во чии рамки се одржаа неколку ексклузивни настани, монографско-ретроспективни претставувања, архитектонски изложби, проекти кои се однесуваат на популаризација и стимулација на младите уметници, како и проекти наменети за лица од посебни категории. Во 2018 година Министерството за култура традиционално ја финансираше и програмата на големите фестивалски случувања кај нас: „Охридско лето“, „Мајските оперски вечери“, „Скопскиот џез-фестивал“, „Струшките вечери на поезијата“ и други, а беа поддржани и некои први фестивалски изданија, меѓу кои: „Бум фест“ кој ја афирмира забавната музика изведена на албански јазик, Поетскиот фестивал во Тетово, „Денови на Наим“, како и  фестивали наменети за најмладите. Во делот на издавачката дејност, пак, беше поддржано издавањето на публикации, списанија, програми на здруженија, како и проекти од електронското издаваштво, објавени на македонски, албански и на јазиците на другите заедници што живеат во Република Македонија.

Во делот на заштитата на културното наследство се реализираа 537 проекти кои се однесуваа на заштитата на движното и недвижното културно наследство, заштитата на аудиовизуелното наследство како и музејската и библиотечната дејност. Во делот на библиотечната дејност, освен проектите за збогатување на книжниот фонд, Адеми ја истакна и реализацијата на проектот на Стрип центарот – Велес за формирање библиотека со стрипови, која е единствена од ваков вид во земјава. Од областа на аудиовизуелната дејност, пак, истакна дека Кинотеката на Македонија беше примена во организацијата „Европа синема“, дел од Креативна Европа потпрограма на програмата Медија на ЕУ. Во рамките на меѓународната дејност, пак, беа реализирани проекти кои ги презентираа креативните потенцијали на уметниците и на ансамблите од Република Македонија во меѓународни рамки и ги афирмираа домашното творештво и културното наследство на нашата држава во Европа и во светот, како и учеството на манифестациите „Македонија во чест на св. Кирил“ и  „Биеналето на архитектурата во Венеција“ и претставувањето  на македонската литература на Саемите на книгата во Франкфурт, Тирана и во Пула на кој Македонија беше земја во фокусот, додека во Скопје беше потпишан и нов договор за соработка со Европската мрежа за литература и книги „Традуки“ за периодот 2019 – 2020 година.  Од особено значење за промоција на нашата култура во САД и во соседна Бугарија се и проектите што се реализираа во Македонскиот културен центар во Њујорк и во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. Што се однесува, пак, на соработката со УНЕСКО, министерот Адеми истакна дека и годинава посветено се работеше на промоцијата на активностите и иницијативите на оваа организација. Во тој контекст беше посочено дека во моментов интензивно се работи на подготовката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО околу „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион“. Со цел зацврстување и збогатување на културната соработка, во Скопје беше отворен и Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦЕИ.

Министерството за култура интензивно работеше и на законската регулатива во чии рамки беа донесени 6 закони, а во владина постапка се и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди со цел востановување на нова државна награда „Мето Јовановски“ за особени постигнувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права и Предлогот на законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Во тек е и изработката на  Нацрт-законот за финансирање на јавниот интерес во културата за кој се одржани повеќе јавни дебати, како и подготовката на Нацрт-колективниот договор за културата, на чија подготовка интензивно работи посебна работна група. Во Министерството за култура активно се работи и на продолжување на процесот на децентрализацијата во културата.

Што се однесува, пак, на активностите на Министерството за следната година, на крајот на денешната прес-конференција министерот Асаф Адеми информираше дека Министерството за култура следната 2019 година ќе располага со Буџет во висина од 3,1 милијарди денари (3 140 216 000 денари), средства од кои за самото Министерство се 215 милиони денари, додека за финансирање на дејностите од областа на културата се 2,9 милијарди денари.

Адеми посочи дека Министерството за култура и следната година посветено ќе работи на реализација на утврдените проекти и на активностите во рамките на Годишната програма, која наскоро јавно и транспарентно ќе биде објавена во јавноста, потоа на спроведувањето на приоритетите посочени во Стратегијата за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година, како и на поддршката на уметниците преку објавување на конкурсите за самостојните уметници и за младите таленти и дефицитарни кадри, конкурсите „Млади Европејци“ и „Нов културен бран“,  но и на други нови конкурси со кои ќе биде збогатена културната понуда во земјава.

Министерот за култура најави дека следната година Скопје и Република Македонија ќе бидат домаќини на два големи меѓународни настани: јубилејната 5-та Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог и Форумот за културна соработка на земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина на министерско ниво.

На крајот, министерот за култура Асаф Адеми им ги честиташе претстојните празници на присутните новинари и на сите граѓани во Република Македонија пожелувајќи им успешна 2019 година.


Видете следно

Отстранете го чувството на вина од вашето мени – „Junk free, guilt free”

Грижа на совест по јадењето, кога гладта ќе ја надвладее самоконтролата е чувство со кое …