АХВ: Граѓаните за Бајрам да не купуваат месо од диви пазари, туку од одобрени месарници


Скопје, 29 јули 2020 (МИА) – Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во пресрет на Курбан Бајрам апелира до граѓаните да не купуваат добиток од дивите пазари, туку месо за празникот да набават од одобрените месарници.

АХВ потсетува дека движењето на животните треба да се врши исклучиво со поседување сертификат за здравствената состојба на секоја единка, а колењето само во одобрени кланици од страна на Агенцијата.

-Граѓаните да не купуваат добиток од дивите пазари каде нема гаранција за здравствената состојба на животните, со што во прашање се доведува здравјето на купувачите, а во услови на потврдено присуство на болеста син јазик кај овци и кози и здравствената заштита на оваа категорија животни. За да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и да се гарантира консумација на безбедно месо кое потекнува од здрави животни, почитувајќи ги културните и религиските барања на верските заедници, апелираме граѓаните да не купуваат животни од диви пазари, односно месо да набавуваат од одобрени месарници, нагласува АХВ и најавува засилени контроли на движењето на животните.

Традиционалната продажба на овните кои се принесуваат за курбан, почна, но, сточарите се генерално разочарани од слабиот интерес кај верниците да купат. Причината за ваквата ситуација ја лоцираат во КОВИД пандемијата која ги спречи печалбарите да дојдат дома и да го прослават Бајрам тука. Дополнително, за намалениот интерес, според нив, придонесуваат и информаците дека во некои делови од државата има „син јазик”, а влијание има и определбата на некои од верниците парите за курбан да ги донираат во муфтиствата.

Цената за грло овен засега се движи од 70 до 120 евра, зависно од тежината.

Првиот ден од Курбан Бајрам е во петок, на 31 јули. Тогаш се коле и курбанот по што месото се распределува на сиромашни семејства.

Празникот се слави четири дена.


Видете следно

Здравата исхрана стартува со листата за пазарење

  Изборот на здрава храна е голем предизвик поради богатиот избор на разновидни производи во …