АмЧам презентираше универзални деловни принципи како основен предуслов за создавање на безбедна работна средина за жените


Во знак на поддршка на заложбите за подигнување на јавната свест за родовата еднаквост, а во рамките на кампањата “Слушни ја! – 16 дена активизам против родово базираното насилство”, Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, денеска беа домаќини на настанот  “Создавање на безбедна работна средина за жените”.

На настанот земаа учество бројни претставници од јавните и меѓународните институции, како и претставници од корпоративниот сектор, кои имаа можност да ги чујат мислењата и ставовите на врвни локални и странски експерти, кои дискутираа за ситуацијата на жените на работните места, како и за најдобрите светски практики кои нудат практични механизми за решавање на родово-базирани прашања во работната околина.

Една од клучните забелешки кои произлегоа од настанот е дека е неопходна имплементација на таканаречените Универзални деловни принципи во сите сегменти од деловното работење, принципи кои ги промовира и поддржува Американската стопанска комора во Македонија и очекува нејзините членки да ги следат, а кои вклучуваат: усогласеност со законите, одговорно управување, почитување на индивидуалноста и достоинството на вработениот, охрабрување на разноликоста и обезбедување на сигурна и безбедна работна средина за жените, вложување во континуиран тренинг и развој на вработените, еколошко-одговорни деловни практики, подобрување на пристапот до пазарот и промовирање на правата на интелектуалната сопственост и високи стандарди за професионална и бизнис етика.

Суштината на работењето на АмЧам се заснова на филозофијата дека добрата етика и доброто работење се синоними. Веруваме дека бизнисите играат важна улога и претставуваат катализатор за постигнување на позитивни општествени промени, промовирајќи ја добросостојбата на секој поединец и принципите за слободно претприемништво. Затоа, АмЧам Македонија континуирано ги охрабрува своите членови да поставуваат високи стандарди за етичкото работење и да бидат предводници и примери во своите индустрии, но и во економијата во целост.“ – истакна Дијана Десподов, Извршен директор на АмЧам Македонија.

На настанот свое обраќање имаше и Барбара Мозџез, задолжена за човечки ресурси во  Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, која одблизу ги запозна присутните со начините на кои Владата на САД создава безбедно работно место за жените, истакнувајќи:

„Дискриминацијата и сексуалното вознемирување на работното место се комплексни проблеми, но имаат многу едноставно решение – однесување кон сите вработени со достоинство и почит. Навистина е толку едноставно.“

На настанот беа претставени и прелиминарните резултати од тековното истражување за безбедноста на жените во работната средина спроведувано од Реактор.

„Прелиминарните резултати покажуваат дека дури 45% од испитаниците искусиле некој вид на сексуално вознемирување на работното место. Од нив, 44,5% никогаш не го пријавиле инцидентот. Тоа покажува дека треба да создадеме атмосфера во која жртвите на насилство и вознемирување ќе можат слободно, без страв и срам, да ги пријавуваат инцидентите и да се чувствуваат заштитено, и од законски и од социјален аспект “,  истакна Снешка Илиќ, истражувач во Реактор.

АмЧам заедно со своите партнери продолжува посветено да работи во насока на промоција на одговорно и етичко работење на сите стопански субјекти, притоа пренесувајќи ги позитивните и функционалните примери и практики од САД.


Видете следно

Подобра бизнис клима во Македонија преку реформи во секторот туризам и угостителство

Денеска, 11.12.2018 година, Стопанската комора на Македонија и другите партнери на Проектот на УСАИД „Партнерство …