Анализа: Општинските советници чинат 3,5 милиони евра годишно


Скопје, 13 јануари 2021 (МИА) – Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска ги објави истражувањето и базата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините.

Како што посочува ЦГК, вкупната годишна сума што им се исплатува на 1319-те советници и претседатели на совети изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра.

– Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 посто повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница, наведуваат од ЦУГ.

Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари, според податоците, добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот. Од другите општини, додаваат од ЦУГ, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од пет илјади денари месечно. Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит.

Најмногу седници годишно одржува Град Скопје – лани дури 27, а најмалку (шест) одржале во Центар Жупа. Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно.

– Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста, се вели во соопштението. мс/дма/

2021-01-13 11:52:22, од Марија Спасовска


Видете следно

Се врати во сила Законот за акцизи, бензините и дизелот поевтини за два денара

Од денеска престана да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите …