Анализа: Платите во текстилната и кожарската индустрија не се намалија поради владините мерки 


Корона кризата удри врз трудоинтензивните гранки, особено врз текстилната и кожарската индустрија, покажа анализата „Влијанието на КОВИД-19 врз ниско платените и трудоинтензивни гранки” што ја изготвија здружението „Гласен Текстилец” и фондацијата Фридрих Еберт од Скопје.

Анализата направена во периодот 10 март – 10 јуни, денеска беше презентирана на 4. Текстилијада во Штип.

Според поранешниот министер за финансии и универзитетски професор, Никола Поповски. економските параметри покажуваат дека во првото тромесечје во овие две индустрии ударот не се почувствувал, зашто кризата почна во март, но во април, мај и јуни, ударот бил голем.

-Има големо намалување на бруто домашниот производ во текстилната и кожарската индустрија. Исто така има прилично големо намалување на физичкиот обем на индустриското производство, како резултат на тоа е намалена бројката на работници во овој сектор. Тоа се сериозни показатели за надолна линија, истакна Поповски.

Нивото на платите изминатите месеци не паднало, како што е случајот со БДП и физичкиот обем на индустриското производство.

-Платите не се намалија, анализата покажува не заради резултатите, тоа е невозможно, туку заради владините мерки кои беа насочени да ги зачуват, заштита вработените и со субвенции се задржа нивото на платите, за оние коишто остана на работа, рече Поповски.

Тој смета дека треба да се наоѓаат нови решенија и како овие гранки да се трансформираат постепено, доколку корона кризата продолжи уште една или две години. Ако Владата има проекции дека пандемијата ќе трае и во 2021 година, во тој случај треба да скрати одредени буџетски трошоци.

-Тоа е природно, јас не гледам на пример потреба од културни манифестации, спортски манифестации, уметнички, некои делови од општеството што ги финансира Владата. Доволно е платата, но не и трошоците за одржување на манифестациите, оцени Поповски според кој закрепнувањето ќе трае долго време затшто пазарите се губат, а навиките на граѓаните полека ќе се менуваат. Во моментов сите парите ги трошат за домување, храна, лекови, заштитна опрема, а штедат на облека.

Донче Стаменков, адвокат на „Гласен текстилец” вели дека во време на коронакризата му се скратија правата на работникот. Голем е бројот на работници кои побарале правна помош. За дел од случаите веќе е почната судска постапка, а за еден е изречена и кривична пријава..

-Тоа се одрази врз пазарот на трудот во делот на работничките права. Во оваа анализа низ конкретни примери се опфатени дел од одредени прекршувања, како остварување на права на хронично болни, остварување права на работниците при превозот организиран од страна на работодавачите, права на работниците кои се однесуваа при исплата на минимални плати и во конкретната ситуација може да се каже дека има голем број прекршувања, вели Стаменков.

Според Кристина Ампева од „Гласен текстилец”, прекршување на работничките права освен во неколку фабрики во источниот регион се евидентирани и во Охрид, Гевгелија, Скопје, Битола и Гевгелија.

-Стануваше збор за спогодбени откази за коишто работничките рекоа дека немаат потпишано такво нешто, не им се продолжени договорите на определено време , како и безбедносните протоколи донесени за превозот на работничките, а не беа запазени, истакна Ампева.

Четвртата Текстилијада завршува денеска со проекција на филмот „Убивајќи го бога”. Изминатите три дена беа организирани неколку дебати, а беше промовиран и новиот стрип „Супер текстилка”, како и споменикот „Магичен конец” посветен на текстилните работници. вдј/мч/ 

Штип, 17 Октомври 2020 (МИА)


Видете следно

Повеќе хотели поради пандемијата ќе затворат зимава

Поголем дел од хотелите во Охридско-струшкиот регион поради состојбата со пандемијата од коронавирусот ќе стават …