АНАЛИЗА: Ревизија во општина Гостивар- мостот над реката Вардар без технички прием!


Согласно определбата за професионално и неселективно информирање, “Порталб” како продолжение на сите досега објавени ревизорски извештаи за работењето на локалните власти, објавува и Анализа посветена на наодите од ревизорскиот увид и во општините Струга и Гостивар.

2 милиони евра – обврски кон добавувачи …

Неповолно или воздржано мислење изразиле ревизорите за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за работењето општина Гостивар во 2018 година.

Ризик од исплати на средства врз основа на непотпишани и неодобрени сметководствени документи, нецелосен и неквалитетно извршен попис кој се однесува на земјиште, градежни објекти, материјални средства, доделување на средства на спортски клубови на барање на клубовите без спроведена постапка за финансиска поддршка и јавно објавен конкурс – ова се дел од наодите што ги нотира државната ревизија во извештајот за работењето на општина Гостивар.

“Најголем дел од средствата од сметката трансфери до спортски клубови во износ од 91 000 евра се исплатени кон фудбалскиот клуб “Гостивар”, односно на кошаркарскиот клуб “Гостивар” кои се АД во приватна сопственост. Средствата се исплатени врз основ Одлуки на Советот за одобрување финансиски средства за финансиска поддршка во вкупен износ од 52 800 евра, односно повеќе исплатени од одобрените за 38 200 евра. На ревизијата не и беше доставен на увид акт со образложение зошто Советот донел одлука за исплата на средства во поголем износ од оној предвиден со Програмата” – се наведува во извештајот и се додава:

“Се вршат плаќања по сметководствени документи без да бидат потпишани и одобрени од овластени лица. Ваквата состојба не е во согласност со членови од позитивната законска регулатива и создава ризик од незаконско и ненаменско користење на буџетските средства” – пишува во ревизорскиот извештај кој се осврнува и на вработувањата на локално ниво.

“Дел од ангажираните лица преку Агенција за привремени вработувања се континуирано ангажирани за вршење на исти работни задачи во подолг период што не е во согласност со одредени законски одредби. Планот за вработување во 2018 година добил согласност од МИОА но заради ненавремено усвојување на Буџетот за 2018 година , општината не успеала да спроведе постапка за вработување на потребниот кадар во редовен работен однос” – констатира ревизијата.

Дополнително се забележува дека не е изготвен финансиски извештај – Биланс на состојбата согласно законските и подзаконските акти а не е извршена идентификација, проценка и евидентирање на дел од имотот по делбен биланс. Ревизорите објавуваат дека на крајот на 2018 година на име “обврски кон добавувачи” искажано е салдо од 2 милиони евра. Од 20 компании на кои им должи општината, само шест го потврдиле износот додека три прикажале неусогласеност за 1 500 евра.

Мост над реката Вардар во Гостивар без технички прием – постои ризик при користење?

Еден од позначајните и стратешки проекти за Гостивар, спроведен преку задолжување во домашна банка во износ од скоро 390 000 евра е изградбата на мост над реката Вардар во Гостивар. Во 2015 година Министерството за финансии дава согласност за ова задолжување. По спроведена отворена постапка за јавна набавка за сума од 380 000 евра, во 2016 година е избран најповолниот понудувач со кој е склучен и договор.

“Со увидот во документацијата се констатира дека економските оператори имаат доставено гаранција за понудата од 3% додека банкарската гаранција за квалитетно извршување на работите од 10% со избраниот понудувач не беше презентирана што не е во согласност со член 48 од Законот за јавни набавки” – се наведува во ревизорскиот извештај.

За извршените работи наплатени биле средства во износ од 273 000 евра со ДДВ за обврските по првиот и вториот градежен зафат кои опфаќаат 60,85% од вредноста на договорот. Третиот градежен зафат во износ од 102 000 евра не е исплатен додека за четвртата и петтата завршна ситуација има спор, односно не се потпишани од страна на Надзор поради неквалитетно извршените работи. Во април 2017 година со присуство на претставници на општината, на изведувачот и Надзорниот орган на лице место било констатирано дека забелешките немале влијание статичната и динамичката стабилност на објектот, со што Мостот се става во времена употреба со обврска да се отстранат забелешките во даден рок.

“Во април 2017 година мостот над реката Вардар во општина Гостивар е пуштен во употреба иако не е извршен технички преглед на градбата што не е во согласност со одредби од Законот за градење. Во тек е судска постапка во која Општината е тужена од страна на изведувачот поради неплатен долг. Поради тоа што станува збор за судска постапка која се води пред надлежните судови, до денот на ревизијата конечниот исход од истата не се познати” – заклучуваат ревизорите и предупредуваат дека без технички прием и одобрение за употреба може да дојде до непредвидени ризици по градбата но и по лицата кои ја користат.

За изведените работи во однос на капиталните инвестиции и санации во периодот од 2015-2018 година во износ од 344 000 евра, на ревизијата, како што информира, не и била доставена комплетна документација како поткрепа за извршената работа – градежна книга, градежен дневник, завршен извештај од надзор.

На крајот од септември, годинава одговорното лице, градоначалникот на општината Арбен Таравари доставил забелешки на Нацрт-извештајот на ревизорите. Забелешките биле разгледани и ревизорот информира дека за истите е оценетиот дека не претставуваат забелешки туку известување за преземените активности за нивно надминување.


Видете следно

Мицкоски: Ахмети ме информираше дека ќе преговара за влада со СДСМ

Со Али Ахмети имавме едночасовна средба минатата недела во Собранието. На таа средба господинот Ахмети …