АНАЛИЗА: Стотици милиони евра во приватните пензиски фондови – како се чуваат парите на осигурениците?


Сите вработени по 1 ви јануари 2003 година стануваат задолжителни осигуреници во вториот пензиски столб. Тие имаат право да изберат кое e двете пензиски друштва може да ги чува нивните пари од уплатени придонеси. Сумата со која располагаат приватните пензиски фондови од нивното формирање досега – е во пораст. На крајот од 2018 година во нив членувале 490 035 осигуреници.

Во исто време овие членови се и дел од државниот пензиски систем, како осигуреници во ПИО. Со реформата во 2007 та година тогашната власт одлучи да спроведе реформа на расчленување на пензискиот систем – државен столб, втор приватен столб и трет доброволен приватен столб кој често се нарекува “столб за богатите”.
Целта беше да се обезбеди зголемување на пензиите преку членството во вториот и во третиот столб на начин што приватните пензиски друштва нема пасивно да ги чуваат парите на осигурениците – туку ќе ги “оплодуваат” преку нивно инвестирање во различни инструменти: акции, инвестициски фондови, хартии од вредност.
При пензионирање, идниот пензионер ќе добива пензија од два извори, од ПИО и од приватниот пензиски столб од кој “заштедените пари” ќе може да ги повлекува преку месечна рата ( како дел од месечна пензија) но постои и можност  за т.н “програмирано повлекување” или постепено повлекување на парите. 

 “Порталб” анализира за состојбата на средствата на осигурениците, системот на контрола и начинот на кој приватните пензиски друштва ги чуваат стотиците милиони евра – пари на осигурениците.

Кои се членови на вториот пензиски столб?

“Бидејќи сум вработена пред 2003 година јас немав обврска да се зачленам, но по сопствен избор го направив тоа. Од тогаш, еднаш годишно добивам извештаи за состојбата со мојата сметка во приватниот фонд. По аферата што излезе во јавноста се информирав дека редовните извештаи што ги добивам покажуваат дека немам проблем со уплатата на средства за придонеси” – вели скопјанката Светлана.

Таа и уште 490 034 луѓе се членови на вториот пензиски столб. Според последните податоци, на крајот од 2018 година во КБ Прво пензиско друштво членувале 254 724 осигуреници а во САВА имало 235 311 членови.

Со реформата за воведување на втор задолжителен и трет доброволен пензиски столб во 2007 година од корен се променија контурите на пензискиот систем.

Така, задолжителни членови на вториот пензиски столб станаа: 

-Сите вработени после 1 јануари 2003 година. Тие по автоматизам се регистрираат и во првиот и во вториот пензиски столб и тоа на два начини – или доброволно, по сопствен избор на пензиското друштво или се распределуваат според систем ( доколку самите не го одберат пензиското друштво)

-Досега членови на вториот пензиски столб се и вработени со бенефициран стаж, со исклучок на вработените МВР, АРМ и КПУ,

-Вработените пред јануари 2003 та година доброволно можеа да се зачленат и во вториот пензиски столб и тие немаат право да го напушат.

-Осигурениците во двата пензиски фонда имаат право да мигрираат од едно во друго пензиско друштво.

-Сега, со новите законски измени кои се дел од најавената поширока реформа на пензискиот систем  сите осигуреници родени пред 1 јануари 1967 година кои на датумот на зачленување во вториот пензиски столб имале над 40 години ќе се трансферираат само во првиот пензиски столб.
Дополнително се планира сите осигуреници со бенефициран стаж да мигрираат во првиот пензиски систем.

Со колку пари располагаат пензиските друштва и како ни ги чуваат?

Според сегашната митологија, стапката на  придонесот за пензиско осигурување изнесува 18,4%. Од овој процент, 12,4% завршуваат во државниот фонд а 6% во приватните пензиски фондови во кои се зачленети осигурениците.
Официјалните податоци од МАПАС – Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување покажуваат дека на крајот од 2018 година двата пензиски фондови,  КБ Прво пензиско друштво и САВА,  располагале со вкупно 1 046 384 877 евра.

Вредност на нето-средства на осигуреници во приватните фондови:

САВА  491,1 милион евра

КБП     555,2 милиони евра

 Според законската регулатива, приватните пензиски фондови имаат мoжност и обврска да ги менаџираат парите на осигурениците со најмал ризик. Така, една од опциите е да ги инвестираат средствата на домашниот и на странските финансиски пазари, со цел да се зачува и да се зголеми нивната вредност.
Приносот, односно добивката коа се остварува од управувањето со средствата на пензискиот фонд им припаѓа на членовите на фондот и се распределува на нивните сметки. Клучни моменти во управувањето со парите на осигурениците се: да се обезбеди сигурност,  диверзификација ( распределување) на ризикот и одржување на ликвидност на средствата.

 “Portalb.mk” повикувајќи се на официјални податоци од МАПС анализира дека најголем дел од парите на осигурениците во двата приватни пензиски фондови се вложени во обврзници на домашниот пазар, во случајов најголем дел во државни хартии од вредност поради што и приватните пензиски друштва  се сметаат за позначајни владини кредитори.

Еве каде двата приватни пензиски фондови ги чуваат парите на осигурениците:

САВА: 

Домашни обврзници                                                            50,28%

Депозити                                                                               17,39%

Инвестициски  фондови од странски  издавачи                13,68%

Акции од странски  издавачи                                              11,85%

Акции од домашни издавачи                                                4,31%

Парични средства                                                                  1,87%

Инвестициски  фондови од домашни издавачи                  0,53%

Побарувања                                                                           0,08%

 

КБ Прво пензиско друштво:

 

Домашни обврзници                                                             63,67%

Депозити                                                                                  5,39%

Инвестициски  фондови од странски  издавачи                 27,18%

Акции од странски  издавачи                                                 0,00%

Акции од домашни издавачи                                                  2,07%

Парични средства                                                                   1,59%

Инвестициски  фондови од домашни издавачи                    0,00%

Побарувања                                                                             0,10%

 

Актуелната власт влезе во процес на реформи на Постоечкиот пензиски систем. Во пакетот мерки во оваа фаза, Владата одлучи да не се зголемува старосната граница за пензионирање и да не се “замрзнуваат” пензиите, но се посегна по други решенија: прилагодување на стапката на придонеси, усогласување на пензиите по нов модел, прилагодување на “заменски стапки” кои се однесуваат на првиот и на вториот пензиски столб и тековно ловење на грешки во системот.
Каде ќе води реформата и која е целата, колку со неа ќе бидат засегнати сегашните пензионери, вработените и бизнисот е прашањето на одговор ќе бараме во следната “Анализа на “Порталб”.



Видете следно

Општина Кисела Вода денеска додели нови 60 ваучери за новороденчиња, 22 за женски и 38 за машки деца.

Ваучерите во висина од 6000 денари на семејствата од Кисела Вода им ги подели секретарот …