Ангеловска-Бежоска: Банкарскиот систем има капацитет да испорача поддршка за населението и компаниите. Денарот е и ќе остане стабилен


„Нашиот банкарски систем останува здрав и стабилен. Тој има капацитет да се справи со шоковите коишто ги предизвикува состојбата со коронавирусот.” – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за телевизијата 24. Последните расположливи податоци коишто датираат од почетокот на оваа година, како што посочи таа, потврдуваат висока капитализираност, висока ликвидност и висок квалитет на активата со којашто располага системот.

„Адекватноста на капиталот е околу 17% – ниво коешто е повисоко од 2008 година кога економијата се соочи со голем шок. Учеството на ликвидната во вкупната актива е 27%, што исто така е повисоко во споредба со периодот пред глобалната економска криза. Квалитетот на активата на банките, којшто е значајна детерминанта на кредитната активност, е многу солиден. Тоа јасно се согледува преку нивото на нефункционални кредити коешто во моментот е околу 4,8% од вкупните кредитни изложености. Сето ова укажува дека нашиот банкарски систем има солиден капацитет со којшто може да ја испорача потребната поддршка за населението и корпоративниот сектор.” – кажа Ангеловска-Бежоска.

Во интервјуто, гувернерката говореше и за мерките коишто во текот на изминатите недели ги презеде Народната банка, при што одделно се задржа и на регулаторните измени со коишто се овозможува олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците. Како што посочи, пред да бидат донесени измените, беа спроведени и бројни анализи и стрес-тестови, за детално да се процени капацитетот на банкарскиот систем. „Истовремено се води грижа за одржувањето на финансиската стабилност и за овозможување поддршка на корпоративниот сектор и на населението.” – истакна Ангеловска-Бежоска.

Со намалувањето на каматната стапка на благајничките записи, како што нагласи гувернерката, дополнително се олеснуваат финансиските услови под кои кредитите се одобруваат и на претпријатијата, и на населението. „Во насока на поддршка на кредитната активност е и активирањето на нестандардната мерка насочена кон секторите од македонската економија коишто ќе бидат најпогодени од корона-кризата – кредитирањето на овие сектори го стимулираме со тоа што износот на кредитите ќе биде одбиен од основицата за пресметување на задолжителната резерва на банките.” – напомена таа.

Во интервјуто, Ангеловска-Бежоска потсети дека денарот е и ќе остане стабилен и дека нема да има промени на нивото на неговиот девизен курс. „Монетарната стратегија на одржување фиксен курс на домашната валута во однос на еврото е оптимална за нашата економија и токму девизниот курс овозможува одржување ниска и стабилна инфлација во нашата економија, а со тоа и испорачување макроекономска и финансиска стабилност.” – рече таа.

„Со години наназад, нашата централна банка одржува високо ниво на девизни резерви, што е гаранција за стабилноста на девизниот курс на домашната валута. Во моментов, како што и веќе соопштивме, нивото на резервите е нешто над три милијарди евра. Според сите меѓународни показатели, ова ниво упатува на адекватност на резервите и на капацитет за справување со било какви шокови во нашата економија.” – укажа гувернерката, при што посети дека во 2008 година, кога економијата доживеа неочекувани шокови, нивото на резервите беше значајно пониско.

Во завршницата на интервјуто, Ангеловска-Бежоска посочи дека Народната банка веќе активно работи на најновите макроекономски проекции, при што се имаат предвид сите очекувани ефекти од новонастанатата ситуација со пандемијата на ковид-19, како врз домашната економија, така и врз надворешното окружување.


Видете следно

Владата ја одржа 58-та седница

Владата на Република Северна Македонија на денешната 58-ма седница ги разгледа и ги усвои Протоколот …