Анѓушев: Креирана е наједноставна и најтранспарентна постапка за инвеститорите за изградба на фотоволтаици


Креиравме транспарентна и конкурентна постапка за инвеститорите што сакаат да градат фотоволтаици, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во дневникот во 1 ТВ, каде посочи дека има голем интерес за инвестирање.

Во вечерашната емисија на 1ТВ „Отворено студио“ вицепремиерот Анѓушев ги образложи предностите на најновиот проект на Владата за финансирање изградба на фотоволтаични електрани, чија енергија потоа би се продавала на слободен пазар.

„Моделот што ние го предлагаме за којшто сме убедени дека ќе успее и дека е добар и којшто успеал низ цел свет, е модел во којшто ќе се направат 200 MW и ќе произведуваат 300 GWh годишно, колку сите обновливи извори заедно а ќе изнесуваат 3 милиони евра“, објасни Анѓушев.

Во државата досега се инсталирани 17 мегавати во фотоволтаици и тие се плаќаат од страна на МЕПСО, односно граѓаните преку сметките за струја, вкупно 3 милиони и 60 илјади евра. Или целосната слика е: сите обновливи извори произведуваат 300 GWh годишно и тоа граѓаните преку сметките за струја го плаќаат 19 милиони евра годишно.

Вицепремиерот го поздрави обидот за дебата и дискусија по ова прашање, но потребно е дебатата и критиките да бидат издржани со бројки, затоа што во економијата е секогаш важно да се зборува со бројки.

„Друга многу важна работа е тоа што досега за овие 17 мегавати досега одлучуваше Регулаторна комисија, и тоа придонесуваше многу граѓани во државата коишто имаа спремни проекти да не добијат шанса. Ова сега ќе биде наједноставна и најтранспарентна постапка. Онаму каде што државата ќе го даде земјиштето и каде е урбанизирано, проектот ќе може да се имплементира за 6 до 7 месеци, а онаму каде што ќе се гради на неурбанизирано, на свое земјиште, може да трае подолго, до година и пол. Математиката е следна, за 3 милиони евра да добиете ефект од 200 MW електрана во системот, тоа е многу мала цена за вкупниот ефект кој би се  постигнал. Сега никој нема да одлучува дискреционо, ќе биде јавна аукција, проектите се така направени да има и помали и поголеми, од 3 MW, 5 MW па до 10 MW“, дополни вицепремиерот.

Анѓушев верува дека интересот ќе биде голем а посебно би се радувал на домашни инвеститори.


Видете следно

Одржана 32. сесија на Клубот на истражувачите

Вчера во Народната банка се одржа 32. сесија на Клубот на истражувачите, на која, по …