Армијата доби нови американски пушки


Армијата на Република Северна Македонија од денеска има нови над 1.200 парчиња автоматски пушки М-4, кои се донирани од нашиот стратешки партнер и сојузник во НАТО, Соединетите Американски Држави. Со оваа количина, освен специјалните сили кои и досега ги користеа, автоматските пушки М-4 ќе бидат дел и од вооружувањето на нашата лесна пешадија која е и наша НАТО единица која се подготвува за претстојното НАТО оценување кон почетокот на 2022 година.

„Станува збор за дел од поголем проект кој што го финансира Владата на САД и кој што ја помага модернизацијата и опремувањето на нашите армиски сили. Со овој дел на опрема практично обезбедуваме над 1.200 М-4 автоматски пушки со калибар 5.56, кој што е стандард на НАТО земјите – членки”, рече министерката Радмила Шекеринска на денешното примопредавање на донацијата на кое присуствуваше и амбасадорката на САД во земјата, Кејт Мари Брнз.

Министерката истакна дека само во период од една недела преку повеќе активности може да се види колку е широка одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и САД. Пред една недела, рече, на Криволак беа презентирани заедничките инвестиции за развој на полигонот, пред само неколку дена беше потпишан новиот и сеопфатен Меморандум за одбранбена соработка, а денеска се врши и примопредавање на новите М-4 пушки за припадниците на Армијата.

Министерката порача дека за модернизацијата на армиските капацитети се издоени значителни суми од одбранбениот буџет и дека е тоа успех бидејќи значи дека процесот се одвива континуирано. „Оваа година за прв пат успеавме да обезбедиме не само зголемување на одбранбениот буџет, туку и зголемување на процентот што ќе оди кон опремување и модернизација при што наместо бараните над 20 проценти ние обезбедивме 25 проценти за модернизација и опремување. Ние како сојузник преземавме обврски и ги исполнуваме. Веќе ја започнавме модернизацијата и со големите проекти како што се лесните оклопни возила кои доаѓаат токму од САД од каде имаме постојана поддршка како финансиска така и во опрема”, рече министерката.

Амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз во својата изјава рече дека примопредавањето на автоматските пушки во вредност од 1,2 милиони долари е уште еден пример за тоа како двете земји работат заедно, осигурувајќи ја интероперабилноста не само со САД, туку и со другите сили на Алијансата. Амбасадорката Брнз порача дека ова претставува и признание за заложбата на Северна Македонија да реализира еден голем проект како што е модернизацијата на Армијата, заложба со која Армијата не е само поподготвена и активна членка на НАТО, туку и Армија која добро се позиционира за да може да даде придонес со другите сили на НАТО. САД, рече амбасадорката, ќе продолжат да бидат стратешки партнер на нашата земја и во понатамошниот процес на армиската модернизација.

На примопредавањето присуствуваа и претставници на армискиот врв како и претставници на Канцеларијата за одбранбена соработка со САД во нашата земја.


Видете следно

За еден ист стан во Скопје капар плаќаат тројца купувачи, пријавен агент за недвижности

По неколку години, повторно манипулација со продавање на станови. За еден ист стан во Скопје, …