Австралија бара ЕУ да ја укине забраната за извоз на вакцини и да и се достават нарачаните над три милиони вакцини Астра Зенека


Австралија денеска соопшти дека ќе побара од Европската унија да го деблокира извозот на повеќе од три милиони дози од вакцината Астра Зенека, тестирајќи го тврдењето на Брисел дека не ја блокира испораката на вакцини во таа земја, пренесува Хина.

Европската унија вчера го оспори тврдењето дека ја блокира испораката на вакцини во Австралија, која драматично заостанува во планот за вакцинирање, додавајќи дека не е одговорна за фактот дека Астра Зенека не ги почитува своите договорени обврски кон другите земји.

Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека ЕУ побарала од Австралија да ги повлече барањата за дозвола за извоз на вакцината и дека писмата со кои се бара испорака на вакцината остануваат неодговорени.

Морисон рече дека ако ЕУ сега покаже подготвеност да ја овозможи испораката на вакцината, повторно ќе побара да се деблокира испораката на 3,1 милиони дози во Австралија. Според планот за испорака, тие 3,1 милиони дози вакцина требаше да бидат во Австралија кон крајот на март.

– Очигледно ги сакаме тие три милиони дози, изјави Морисон пред новинарите во Канбера.

Тој истакна дека Австралија, доколку ЕУ дозволи извоз на вакцини, ќе донира еден милион дози на Папуа Нова Гвинеја, која се бори со епидемијата и растечкиот број на заразени лица.

Европската унија минатиот месец, на барање на Италија, го блокираше доставувањето на 250.000 дози на вакцината Астра Зенека во Австралија, поради недостигот на вакцини во Европа.

Подоцна го одби барањето на Австралија да ја преиспита одлуката за блокада, прво вакво одбивање откако кон крајот на јануари ЕУ воспостави механизам за контрола на протокот на вакцини.

Спорот околу набавката на вакцините меѓу Австралија и ЕУ се поврзува со огромниот недостиг на вакцини Астра Зенека во целата Унија и влијанието што би го имало извозот на која било вакцина врз земјите кои исто така нарачале дози.

Австралиската влада обвини дека неуспехот на планот за вакцинација во таа земја се должи на одложувањето на испораката на 3,1 милиони дози вакцина Астра Зенека, кои требаше да и бидат доставени на крајот на март. ссм/

Сиднеј, 7 април 2021 (МИА)


Видете следно

За еден ден во светот нови повеќе од 718 илјади новозаразени со Ковид-19

Повеќе од 718.000 нови случаи на коронавирус се регистрирани во светот во вчерашниот ден, од …