Бектеши: Ефектите од отворените врати на НАТО ќе се почувствуваат и во туристичкиот сектор


Со честитка упатена до граѓаните на Република Македонија по повод потпишаниот Протокол за членство на Македонија во НАТО, министерот за економија Крешник Бектеши ја започна прес конференцијата на која ги претстави мерките и активности содржани во годинешната Програма за развој на туризмот.

„Ефектите од отворените врати на НАТО веќе почнаа да се чувствуваат, а приклучувањето кон НАТО семејството ќе донесе уште многу бенефити за нашата држава. Во туризмот, како најбрзорастечка гранка од економијата, успеавме да забележиме одличен успех – наместо до 2020, ние во 2018 ја оствариме зацртаната цел – надминувајќи ја бројката од 1 милион туристи, со 3 милиони ноќевања. A влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи и отстранување на последната бариера што често пати е споменувана од странските туристи кои ја заобиколувале нашата земја, а тоа е прашањето околу поголема сигурност и безбедност. Тука би ги додал и засилените инвестиции во туристичката инфраструктура, што секако ќе придонесе за уште поинтензивен развој на туристичкиот сектор“, рече Бектеши.

Тој потсети дека во последниве години, Владата на Република Македонија покажа дека туризмот е еден од главните приоритети, а сите вложени мерки во неговиот развој даваат позитивен резултат: постојано зголемување на бројот на странските туристи и бројот на туристите, воопшто, а паралелно на тоа и бројот на ноќевањата. Според податоците на НБРМ, приливот на девизи во минатата година во однос на годината пред тоа е зголемен за околу 20%. Бројот на туристите во 2018 година во однос на 2017 година е зголемен за 14,2 отсто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 15.0%. Вкупниот број на домашни туристи во 2018 година во однос на 2017 година е зголемен за 15,1%, додека бројот на странските туристи за 13,8%.

„Уште поважно е што се зголемува и стапката на вработеност во оваа индустрија. Минатата година во земјата 8.150 луѓе се вработени во туристичкиот сектор, а очекувањата се оваа година бројот на вработени во овој важен сектор да достигне 10.000, што би претставувало зголемување на вкупната вработеност во земјата од 1,9%. Заедно со дејностите кои се поврзани со туризмот кај нас, дополнително се вработени уште 28.569 лица, а тоа е веќе 3,78% од вкупниот број на регистрирани вработени лица во 2018 година.

Проекциите укажуваат дека годинава оваа бројка ќе има нагорна корекција и ќе достигне 35.000 луѓе кои ќе бидат ангажирани во овој сектор, со очекување до 2024 година овој број да биде околу 40.000“, истакна министерот за економија, додавајќи дека уделот на туризмот во БДП во првите 3 квартали од 2018 година, споредено со истиот период од 2017 година бележи зголемување за 2.9%, а целта е до 2020 година приходите од туризам да достигнат 5% од БДП. Растот во овој сектор е 2 до 3 пати поголем од просечниот раст на туризмот во светот.

„Нашите активности за развој на туризмот за 2019 година се систематизирани во Програмата за развој на туризмот за 2019 година за која во Буџетот на Република Македонија обезбедивме финансиски средства во износ од 36.000.000 денари. Во Програмата се предвидени 21 активност, поделени во 3 дела. Во првиот дел, за кој се обезбедени средства во износ од 5.500.000 денари се опфатени меѓународните активности поврзани со членството во Светската туристичка организација, додека во вториот се опфатени проекти од областа на туризмот кои директно влијаат на подобрувањето на туристичката понуда на Република Македонија како туристичка дестинација, како што се изработка на ,,БРЕНД СТРАТЕГИЈА” за туризам, потстратегии за рурален, културен и активен туризам, студии за вински и спа туризам, како и студија за неискористени објекти кои би биле атрактивни за инвеститорите, ЕКО акција и кампања за чистење на отпадот во туристичките центри, кампања за безбедно патување во соработка со МВР“, објасни Бектеши, дополнувајќи дека за овие активности се обезбедени 17.000.000 денари.

Во третиот дел од Програмата се активностите за поддршка и субвенции за подобрување на туристичката понуда во РМ, за кои деловните субјекти располаат со буџет од 13.500.000 денари. Објаснувајќи ја намената на средствата Бектеши посочи: „Овие средства ќе можат да ги користат општините за изработка на локални стратегии за туризам, а за поддршка можат да аплицираат и организаторите на туристички манифестации и проекти, но и студентите кои имаат бизнис идеи за туризам. Субвенции предвидовме и за селски домаќинства кои ќе даваат угостителски услуги, а на годинешнава листа се и проекти во делот на иновации и дигитализација во областа на туризмот, како и активности поврзани со активниот туризам и адреналинските спортови, како светски тренд“.

И годинава ќе се продолжи со Програмата за поддршка на домашен туризам преку организирање на одмор на работници со ниски приходи, за која се обезбедени 20.000.000 денари, со што ќе им се овозможи на лицата на кои месечните приходи во семејството не го надминуваат нето износот од 22.000 денари, да искористат годишен одмор во туристичките центри во државата, а во исто време ќе им се помогне на туристичките центри за зголемување на обемот на работа надвор од туристичката сезона.


Видете следно

Се помалку се запишуваат студенти на високите стручни школи и факултетите

Според податоците на Државниот завод за статистика, добиени врз основа на пристигнатите извештаи, во Република …