Breaking News

Бектеши ќе бара средба со ССМ за утврдувањето на минималната синдикална кошничка


Министерот за економија Крешник Бектеши утре ќе побара средба со Сојузот на синдикатите на Македонија бидејќи од соработниците во Министерството за економија е утврдено дека има грешка во пресметката на минималната синдикална кошничка.


-Можеби е ненамерна, а можеби и техничка грешка, но факт е дека минималната синдикална кошничка во нашата држава не е 50.000 денари и не надминува 43.000 денари согласно методологијата што била претходно. Тоа значи дека од август па наваму два пати се калкулира инфлацијата во методологијата и во сите елементи кои беа наведени во претходната методологија, појасни Бектеши.


Посветени сме, порача министерот, на зголемување на платите и пензиите и ќе креираме дополнителни мерки со премиерот и со министерот за финансии.

-Граѓаните да бидат спокојни дека кризата сигурно нема да биде целосно на нивниот грб. Сите ќе покажеме солидарност – ние ќе се откажеме од давачки, компаниите ќе се откажат од профити, а граѓаните треба да бидат најмалку погодени, бидејќи ние постоиме за нив, потенцира Бектеши, по посетата на маркет во Скопје, каде со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски извршија увид дали се намалени цените на млечните производи и тестенините.


Министерот Бектеши најави дека наскоро ќе излезат со информација за листата на прехранбените производи за кои ќе има ревидирана стапка на ДДВ.

Основните прехранбени производи ќе останат со повластена стапка, но не и луксузните што не ги користат повеќето од граѓаните.


-Листата на прехранбени производи за менување на стапката на ДДВ е споделена со сите засегнати страни, и со производители и со здруженијата на граѓаните и со стопанските комори. За основните прехранбени производи се знае дека ќе останат пет проценти, но за жал од претходните одлуки од пред седум, осум и десет години има проиозводи кои се со пет отсто, а денеска се луксузни и повеќето од граѓаните не ги ни користат. Зошто тие да бидат пет отсто кога можеме да направиме дополнителни други мерки со цел барем основните да бидат поевтини? За кратко време ќе излеземе во јавност во делот на репрограмирање на стапките на ДДВ за одредени производи, рече Бектеши. лв/вј/

Фото: МИА архива