Бектеши: Ќе креираме нови работни места со цел намалување на невработеноста по три проценти годишно


Главниот фокус на Министерството за економија и на Владата во наредниот период ќе биде обезбедување на можности за развој, создавање на нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните и подобри услови за работа на бизнисот, воведување на иновации кои ќе донесат раст и развој на економијата. Главна цел е да го подигнеме животниот стандард на нашите граѓани на ниво на европските развени земји, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во презентацијата на мандатното писмо.

-Најприоритетно е во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија да работиме на отворање на нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста. Целта е таа да се намалува по три проценти годишно, како што правевме и во изминатите три години, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Како Министерство, посочи, ќе продолжиме со засилено темпо да ги поддржуваме домашните компании, и странски инвестиции, да работиме на поттикнување на инвестиции во енергетиката, во туризмот, во занаетчиството.

-Во наредните четири години ќе продолжам да водам економска политика чија цел ќе биде развој на иновативноста и инвестиции во технолошкиот развој како шанса за посакуваната трансформација во економијата. Таквата економија создава поголема додадена вредност, ги развива човечките ресурси и обезбедува поголема продуктивност и повисоки плати, нагласи Бектеши.

Во овој мандат, додаде, својот личен фокус особено ќе го ставам на економијата, владеењето на правото и реформата на институциите.

-Кризата од пандемијата во годинава што изминува ги забави дел од проектите што се реализираа. Во изминатите скоро седум месеци ги променивме приоритетите, односно фокусот беше свртен кон најпогодените граѓани и најпогодените сектори од пандемијата. Ќе продолжиме во таа насока и во наредниот период се додека не се врати целиот свет во нормала. Јас и мојот тим веќе активно работиме на мерки и политики коишто ќе овозможат поддршка на обновувањето одржлив и инклузивен раст, во чиишто придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани и компании, вети министерот за економија. вј/дма/

Скопје, 22 септември 2020 (МИА)

 


Видете следно

Состаноци со високи претставници на ММФ: Јакнењето на финансиската стабилност е од голема важност за закрепнувањето на македонската економија

Последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но во голема мера ублажени преку навремените и …