Бектеши: Ќе продолжиме да инвестираме во научно-технолошкиот парк кој започна со операции во март 2019 годинa


Министерствата за економија и за финансии во наредниот период ќе работат на олеснување на условите за водење бизнис, поттикнување на странските инвестиции и на намалување на лимитот за основање на фирма, најави денеска министерто за економија Крешник Бектеши.

-Поттикнување на домашни и странски инвестиции и олеснување на процедурите за нивна реализација е наш приоритет. Во наредниот период заедно со Министерството за финансии ќе работиме на значително намалување на ограничувањата за основање на инвестициски фондови преку посебен Закон за бизнис-ангели и измени на Законот за инвестициски фондови. Веќе сме во завршна фаза во процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој, негова трансформација за да има резултати на долг рок. Со тоа ќе овозможиме влез на странски инвестициски фондови како стратешки партнери на Фондот во поддршка на економскиот раст, базиран на иновации и воведување нови технологии, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Во таа насока, додаде, ќе продолжиме да инвестираме во научно-технолошкиот парк кој започна со операции во март 2019 година со цел тој да биде целосно функционален во 2025 година.

-Целта во наредните четири години е Република Северна Македонија да стане регионален акцелератор за старт ап со што ќе станеме центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, со потенцијал за брз пораст. Со воведување на регионалниот акцелератор, во рок од шест месеци од објавата на првиот повик, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан. Меѓу приоритетите за поттикнување на иновативниста во земјата е и од Македонско село, да формираме „Старт-ап село” кое ќе нуди можност за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци, истакна Бектеши.

За поддршка на бизнисот во наредниот четиригодишен мандат, додаде, ќе работиме на намалување на трошоците и административните процедури за добивање правна документација за потребите на бизнисот како што се документи од Централен регистар, царина, документација за учество на тендери и други државни институции. вј/ац/

Скопје, 22 септември 2020 (МИА)


Видете следно

Инспекторите ќе ги празнат угостителските објекти и ќе ги затвораат со законските измени, Пауновски повика на издигнување на свеста на граѓаните

Свеста на граѓаните треба да се издигне на највисоко ниво ако сакаме да се намалат …