Breaking News

Бесими: Платите во МФ од јануари се зголемени, направено е усогласување со УЈП и Царина


Бројот на вработените во Министерството за финансии (МФ) е речиси преполовен. Раководители на сектори даваат откази, едноставно си одат. На друго место добиваат повеќе можности и подобри услови. Министерството за финансии беше и единствениот пример во целата државна администрација кое имаше пониска плата од органите во состав – УЈП и Царинската управа.


Вака ресорниот министер Фатмир Бесими го образложи зголемувањето на платите во МФ кое стартува од овој месец. Морало да се најде, рече, привремено решение се додека, од идната година, процесот не профункционира системски, на ниво на цела јавна администрација.


-Платите од јануари се зголемени, но тоа е од едноставна причина – додека во други институции имаше најави за штрајк и протести, во МФ тоа го немаше, но имаше голем одлив на кадар. Голем дел наоѓаа работа во други институции. МФ имаше 700 вработени, а сега се околу 400. Лани 40 луѓе го напуштија МФ надвор од тоа што беше планирано со пензионирањето. Огласите беа заради надвор од тоа во планот за човечки ресурси во буџетот на МФ, луѓето го напуштаат Министерството. Доаѓаат раководители на сектори, даваат отказ, едноставно си одат. Многу работа, на друго место добиваат можности за подобри услови. При огласи неа соодветни кадри што се пријавуваат. Мораме да обезбедиме човечки ресурси за да функционира институцијата. Ова решение е додека се заврши со двата закона на кои ние инсистираме системски да се решат овие работи, рече Бесими.

Според него, ова е предвидено во буџетот и вклопено во однос на 4,6 проценти вкупен дефицит, како и во однос на тоа што значи фискална консолидација.


-Да го оставиме МФ без вработени, да немаме буџет воопшто, да не работи никој. Тоа ли е прашањето? Направено е усогласување со органите во состав. МФ е единствена институција каде вработените имаа пониска плата од УЈП и Царинската управа и тоа е решението. Тоа е во Законот каде што е ставено дека 30 отсто се во однос на платите од минатата година, истакна Бесими.

Во однос на платите, додаде, се гледа тие да бидат во рамки на реализација на функциите, на побарување на услугите, но и согласно реформите во јавната администрација и организацијата на државните органи.


-Се прават напори да се оптимизира администрацијата од аспект на организациска поставеност на институциите и од аспект на бројот на вработени, а во исто време да се подобри квалитетот и да се зајакне капацитетот, нагласи министерот. мч/са/