Фото: Архива

Бесими: Советот за развој на пазарот на капитал фокусиран на Стратегија за либерализација и развој на финансиските пазари


Подготовка на Стратегијата за развој на финансиските пазари со посебен осврт на пазарот на капитал, нови закони во областа на банкарството, осигурувањето, пазарот на капитал, платежните услуги, ревизијата, ќе бидат во фокусот на работењето на Советот за развој на пазарот на капитал со која претседава министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во Министерството за финансии денеска се одржа седница на Советот за развој на пазарот на капитал на која министерот за финансии најави дека Советот активно ќе продолжи со своите активности, а којшто поради ковид-кризата и посветеноста на изнаоѓање решенија за справување со кризата и одржување на економијата на задоволително ниво во изминатиот период не одржуваше седници.


– Мерките што ги презема Владата на Република Северна Македонија во доменот на пазарот на капитал не можат да ги решат сите проблеми пред кои сме исправени. Но се надевам дека со заеднички напори, преку меѓусебна размена на искуства и идеи, сите заеднички ќе дадеме придонес во изнаоѓањето на вистински решенија за натамошниот раст и развој на пазарот на капитал. Учесниците на пазарот како најзасегнати страни мора да дадат свој придонес во надминување на тековните состојби, рече минситерот Бесими.

Тој потенцира дека за правилно насочување на понатамошниот развој на финансиските пазари и нивна либерализација, има потреба од изготвување Стратегија за либерализација и развој на финансиските пазари, со посебен осврт на пазарот на капитал, користење на меѓународното експертско искуство и практики во земјите со слично ниво на развиеност на финансиските пазари како нашата земја.

Бесими информира дека Министерството за финансии со цел да го стимулира економскиот раст, особено во фазата на опоравување на економијата од последиците предизвикани од пандемијата на вирусот COVID-19 е во процес на планирање на начинот и условите за воспоставување фондови за развој кои се во насока на олеснување на пристапот до финансиски средства за компаниите во државава.

Главниот фокус е во изнаоѓање начини за создавање извори на средства за малите и средни компании, за стратешки и зелени инвестиции кои се двигател на економскиот раст и генератор на нови работни места. Овие нови извори на средства треба да го поддржат економскиот раст без дополнително зголемување на дефицитот, туку со воспоставување фондови кои ќе соберат капитал од реномирани приватни инвеститори и меѓународни финансиски институции.

Од Министерството за финансии информираат дека Советот на седницата се осврнал и на актуелното прашање во последниот период околу виртуелните средства и нивото регулирање.

Некои држави донесоа законски решенија за регулирање на виртуелните средства, се со цел да привлечат инвеститори во виртуелни средства и да се отворат за иновативната технологија врз основа на која се создадени овие средства. Во Република Северна Македонија првпат со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се среќаваат виртуелните средства само од аспект на активности поврзани со спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Советотза развој на пазарот на капитал ја следи состојбата на пазарот на капитал и предлага мерки за обезбедување на негов континуиран раст и развој. Го сочинуваат министерот за финансии Фатмир Бесими, кој е и претседател на Советот, а членови се претставници на Министерството за економија, Комисијата за хартии од вредност, Народната банка на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Македонска берза АД Скопје, Централен депозитар на хартии од вредност АД Скопје, Македонска банкарска асоцијација – Скопје, како и претставници од друштвата за управување со инвестициски фондови, од пензиските друштва и претставник од големите трговски субјекти предложен од Стопанската комора на Македонија, Стопанска комора на северно-западна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.лв/дма/

Скопје, 21 јули 2021 (МИА)


Видете следно

Нови пет милиони евра од ЕБОР за подобрување на енергетската ефикасност во домовите

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) преку Шпаркасе банка Македонија АД Скопје обезбеди нов …