Бесими: Владините мерки влијаеја штетата да не биде поголема врз стопанството и граѓаните


Кризата е од големи размери. Мерките што ги презеде Владата како првичен одговор беа за да се заштити економијата и стандардот на граѓаните. Тие беа навремени, таргетирани и доколку не се преземеа штетата ќе беше многу поголема. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во емисијата Вин-Вин на ТВ Телма.

– Екстерниот шок е толку голем што ние и колку и да преземеме мерки може само да го апсорбираме тој шок и да се приспособиме на среден рок да го одржиме растот и да се приспособи стопанството да има помала штета. Не велиме дека со мерките што ги преземавме ги решивме сите проблеми и дека и со мерките што ги планираме ќе ги решиме. Тоа што граѓаните треба да го знаат и тоа е вистината е дека енергијата ќе треба да се штеди, затоа што цените не се одржливи на сегашното ниво во однос на цените на светските берзи, потенцира министерот.


Тој додаде дека ребалансот е одговор на кризата и дека ќе се финансира преку комбиниран начин со цел да се оптимизира трошокот во време на високи каматни стапки, кои на меѓународните финансиски пазари во моментов достигнуваат 6,5 %.

– Целта е да се оптимизираат инструментите и да се намалат трошоците за обезбедување средства. Затоа и се пристапи кон барање алтернативи наместо да се бара целиот потребен износ преку еврообврзница. Во таа насока беше и барањето средства од Меѓународниот монетарен фонд, средства за проекти од меѓународни финансиски институции, како и задолжување на домашниот пазар. Обезбедувањето средства за нашата економија во моментов не е спорно, но важно е да го направиме финансирање во погоден момент и да го направиме тоа по најниски трошоци, рече Бесими.


Министерот наведе дека со ребалансот се преземаат мерки и за зголемување на домашното производство на храна, со оглед на големата неизвесност од војната во Украина и можноста од недостаток на храна.

– Со предложениот ребаланс на Буџетот за 2022 година предвидени се дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците, а ќе се пласираат средства во земјоделството и преку Интервентниот фонд. Предвидено е средствата земјоделците да ги добијат во почетна фаза на производство, дополнително од предвидените субвенции кои ги добиваат по предавање на родот”, рече Бесими.


Во однос на барањата за зголемување на платите во јавниот сектор, посочи дека зголемувањето на платите треба да следи од зголемена продуктивност.

За платите во јавниот сектор и барањата што ги испорачуваат синдикалните организации, министерот вели дека состојбата треба да се гледа реално во контекст на кризата и дека зголемувањето на платите треба да има економска логика.

– Основната економска логика, за да има повисока плата треба да има поголема продуктивност во економијата. Стопанството е тоа каде се генерира економската активност и мора економијата да расте, за да има повеќе приходи, рече Бесими.

Тој додаде дека ова е отворено прашање кое се одвива низ економско-социјалниот дијалог, и дека улогата на Министерството за финансии е да каже дали тие политики постигнати во рамки на економско-социјалниот дијалог, можат да се вклопат во еден одржлив буџет. Министерот Бесми потенцира дека досега во рамки на економско-социјалниот дијалог Владата покажа респонзивност во однос на повеќе прашања што беа дел од преговорите.са/

Скопје, 27 мај 2022 (MIA)


Видете следно

МТСП: Во тек е етапната исплата на јунските пензии

Министерството за труд и социјална политика известува дека на ден 28.06.2022 год. (вторник) започнува етапната …