Битиќи: Будно ја следиме сотојбата со електрична енергија и ако е потребно ќе интервенираме


Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска порача дека будно ја следат состојбата со електрична енергија и ценовните шокови и ако има потреба со финансиски средства ќе интервенираат.

– Будно следиме, ако има потреба на почетокот на следната година со интервенирање со финансиски средства, имаме предвидено средства во буџетот, и тоа ќе го направиме, затоа што сметаме дека само така знаеме кога на граѓаните и на стопанството им е потребна помош од страна на Владата, рече Битиќи на новинарско прашање на отворањето на Центарот за поддршка на социјални претпријатија и на првиот Национален саем за социјални претпријатија во Скопје.


Тој потенцира дека 65-те милиони евра што беа предвидени со одлуката за прогласување на енергетска криза не се наменети само за набавка на електрична енергија, туку, појасни, тие се поделени во три различни мерки.

– Мислам дека во јавноста се даде една погрешна информација, 65 милиони евра се поделени во три различни мерки. Една од мерките е набавката на јаглен, затоа што само набавката на дополнителните количини а јаглен ќе ни овозможи дополнително производство на електрична енергија, која е далеку поевтина од таа која што можеме да ја набавиме на берзата. Само за споредба, сегашната цена на производство на јаглен е за четири пати пониска од што можеме да ја набавиме на берзата и затоа ние се стремиме на набавка на јаглен, на отворање нови количини на јаглен од нашите извори иако се со слаб капацитет, рече Битиќи.


Другите мерки, дополни, се за да оперираме. Во моментот се случува снабдувачите не електрична енергија за стопанството, но и за јавните институции ги раскинуваат договорите и таму ние сакаме да го вклучиме државниот капацитет, т.е. ЕЛЕМ Трејд, кој во суштина ќе набавува струја со подобра цена од другите набавуваат.

-Направивме еден сет на мерки и тој чини 65 милиони евра кои што сметаме наредните шест месеци ќе направи да осигураме дека ниту домаќинствата, ниту стопанството треба да се грижи за нивната иднина и околу енергетската криза, порача Битиќи.фф/лв/

Скопје, 19 ноември 2021 (МИА)


Видете следно

Министерот Бесими го достави дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година до Собранието

Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска го достави дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година до претседателот …