Breaking News

Битиќи – Филипиду: Добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Грција носат значителни придобивки за двете земји


Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска оствари средба со амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, на која и посака добредојде во нашата земја и успех во новиот мандат.

На почетокот на средбата вицепремиерот Битиќи, како што соопшти неговиот Кабинет, ја поздрави одлуката на судот на Грција за отворање на Центарот за македонски јазик во Република Грција, потенцирајќи ги добрите соседски односи кои веќе носат значителни придобивки за двете земји.


Амбасадорката Филипиду искажа подготвеност за уште позасилена соработка и продлабочување на економските односи помеѓу двете земји за потполно искористување на потенцијалот кој го имаме.

На состанокот вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Филипиду зборуваа за заедничките инвестиции на двете земји во енергетика и диверзификација на изворите на енергија, кои се од големо значење на Северна Македонија но и целиот регион. дма/сст/
2022-12-07 16:31:03, од Даниела Маркоска-Алексовска