Битиќи: Ќе се најде кворум и доблест за да се донесат законските решенија за операционализација на мерките од четвртиот и петтиот пакет


Десеттина од 29-те мерки од петтиот економски пакет треба да се реализираат со носење на законски решенија, а сите кои се поврзани со Развојната банка се веќе во собраниска процедура, како што се законот за инвестициски фондови и законот за државна гаранција. Во собраниска процедура се и некои други законски решенија кои ќе ги операционализираат мерки од четвртиот и петтиот пакет, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Инструментите, како што потенцира, се исти и мерките ќе се операционализираат кога тие ќе бидат донесени.

-Некои од мерките се носат со законски решенија, а некои со заклучоци од Влада или треба да се спроведат со постојните програми што веќе се утврдени од различните институции или органи на управата. Мерките ќе се спроведуваат во текот на целава година низ инклузивен процес. За она што беше најитно – финансиската поддршка на плати, законското решение беше усвоено на Влада дента кога се промовираа мерките и веќе е влезено во собраниска процедура за усвојување. Сметам дека тука завршува можноста ние како извршна власт да реагираме за тоа кога и како би се донел законот, рече Битиќи во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со директорот на Агенција на катастар на недвижности, Борис Тунџев.

Носењето на законските решенија, потенцира, е битно за стопанството и за справувањето  со економските последици што ги имаат граѓаните и стопанството од ковид – кризата.

-Затоа најбрзо што е можно треба да бидат донесени низ собраниската процедура. Како функционер сум поставен да им служам на граѓаните, а и пратениците, исто така. Сметам дека мојот мандат завршува кога ќе најдеме соодветно решение и ќе го испорачаме до Собрание. Сметам дека доблеста на секој од нас е да се воздигнеме  над нашите партиски и лични интереси за да им помогнеме на граѓаните кога им е најтешко. Токму затоа сметам дека ќе се најде кворум и доблест Собранието да работи и прекувремено ако треба за што тоа е одговор кон потребите на граѓаните, посочи Битиќи.

За втората мерка од петтиот пакет, која е исто така насочена кон стопанството, истакна дека законското решение е поврзано со веќе постојните законски предлози за државна гаранција и кредитните линии  што се спроведуваат со Развојната банка кои се дадени во Собранието и кога ќе се одобри, како што рече, веднаш ќе може да се пристапи кон операционализација.

-За законското решение за отпис на камати се уште се прават консултации со јавните комунални претпријатија, единиците на локална самоуправа и органите на управа за да се најде најлесниот пристап  и да биде оперативно. Нашето очекување е оваа мерка да биде операционализирана во март или април зашто е неопходна обемна собраниска процедура низ која ќе треба да се донесе законот, рече Битиќи.вј/скс/

Скопје, 24 февруари 2021 (МИА)


Видете следно

Битиќи: Инвестираме околу 2,5 милијарди евра на Коридорот 8 (ДПЛ)

 На Коридорот 8 вложуваме во инфраструктурни проекти во вредност од околу 2,5 милијарди евра и …