Битолското занаетчиство во 19, 20 и 21 век


Пред 60 години битолското Научно друштво ја објави докторската дисертација на тема „Занаети и еснафи во Битола и околијата” од Милош Хр. Константинов (1926-1993) посветена на занаетчиите како ценет сталеж во 19. и 20. век.

Публикацијата од 1961 година и денес предизвикува внимание со својата актуелност затоа што во овој 21. век, напори за враќање на сјајот на занаетчиството се вршат од повеќе страни и институции.


Занаетчиството во 19. век – битолчани во 1862 година на Саем во Лондон

Занаетчиството во 19. век се развива со дотогаш невиден полет. Овој развој е предизвикан со релативно стручно усовршување на занаетчиите, но и благодарение на тоа што почнува примена на посовремени орудија во процесот на производство. Според Константинов, работната способност и навики на занаетчиите се усовршуваат под влијание на извесни постигања во областа на науката и техниката, кои допираат до овој крај. Со стручно влијание се истакнуваат печалбари повратници кои специјализираат некоја занаетчиска дејност во поразвиените градови во странство, пред се во Солун и Цариград. Од истражувањето се воочува дека позитивно влијание во овој правец вршат и занаетчиите од Москополе, добро обучени ѕидари и каменорезци кои се населуваат во Битола.

Во средината на 19. век занаетчиството во Битола го постигнува својот најголем расцут и развиток во историјата на градот. Тоа време уште се нарекува златна епоха на занатчиството. Исклучитено развиеното занаетчиство во Битола успева во 1862 година да се појави на светска занаетчиска изложба во Лондон.

Во 1827 година во Битола евидентирани се 97 шивачи на старо облекло и ќебиња, 77 папуџии и крпачи, 60 терзии, 44 меанџии, 41 опинчар, 40 сарачи, 35 симитчии, 31 бербер и хирург, 30 воденичари, 29 изработувачи нагергефи, по 28 кујунџии и железари, по 27 катранџии и калајџии, по 23 тутунџии и налбати, 22 ќуркчии, 20 бојаџии, 17 анџии, 16 кожувари, 15 кафеџии, 14 ножари, 12 шапкари, по 12 акваџии и кадаифчии, 10 кондураџии, а имало и бурекџии, леари, кантарџии, клинчари, казанџии, јорганџии, тенекиџии….или вкупно 1 093 занаетчии. Тенекеџиите и собаџиите има низ цел 19 век кои изработуваат кофи, ѓумови, мангали, но и печки/ќумбиња …занает што го има и денес.

Со навлегувањето на модата што доаѓа во градот, особено преку Солун, се појавува уште еден нов занает кондурџискиот и за кратко време во Битола се отвораат дури 150 кондураџиски дуќани. Во својата дисертација Константинов нагласува дека најскапите чизми во 1833 година се изработувале за 30 гроша. Во исто време цути кујунџиството, се изработуваат златни и сребрени предмети, накит кој се ставал на носиите на невестите македонки. Извесен кујунџија Јанко вистински мајстор на занаетот, по нарачка изработил сабја за српскиот кнез Милош, а не мал број златари од Битола заради бизнис се отселиле во Романија, Србија и Бугарија. Кон крајот на 19. век во Битола првпат се отвора специјален дуќан за изработување  „сандалии” или столици со седиште плетено од растение „резаец” кое некогаш растело во блатото на Црна Река.

Во Битола се регистрираат и занаети во врска со општата и лична хигиена и сапунџискиот занает. Во средината на 19. век во градот работеле 10 сапунџиски дуќани кои снабдувале дури седум бањи и тоа Хастане амам, К’шла амам, Чукур амам, Јени амам, Бејлер амам, Керим бег амам и Јалди амам. Во градот не мал е бројот на бербери кои занаетот од Tурците го преземаат Mакедонците и Власите во градот. Во тоа време смилевецот Крсте и син му Доне кои биле на печалба во Солун го научиле чешларскиот занает и почнале да изработуваат чешли, а нивниот пример го следеле уште 10 битолски чешлари.

Занаетчиството во 20. век – битолчани изнајмуваат велосипеди, а низ градот се појавува првиот автомобил „Форд”

Во првата декада од 20. век во Битола се појавуваат нови занаети, се регистираат првите електричари, во 1908 отворен е првиот дуќан за изнајмување велосипеди, а со самото тоа и потребата од занаетчии велосипедџии. Во исто време се појавува првиот возач кој воедно како автомеханичар умее да го поправа своето возило „Форд”.

Од публикуваниот материјал дознаваме дека на почетокот од 20. век евидентиран е и првиот машинобравар, а за да се спречи разурнувањето на традиционалните занаети се отвораат и посебни училишта, како што меѓу другите е занаетчиското училиште Ислахане.

Занаетчиството во овој период се негува со помал интензитет и во Битола и околијата има 72 активни занаети со околу 1700 мајстори. Со кондураџилак и папуџилак се занимаваат 201 занаетчија, со шивачкиот занает се занимаваат 127 мајстори, со ковачкиот 32 лица, со фурнаџискиот 92, со дограмаџискиот 65…, но со својот занает познати се јорганџии и бојаџии, слаткари, бозаџии, самарџии, плетачи, свеќари, леблебиџии, грнчари, фотографи… За жал, дел од занаетите исчезнуваат па така во 1912 година се намалува бројот на мајстори на фесови за народни носии, кожуварите имаат се помалку работа, а бројните кујунџии и златари се преполовуваат заради се поголем увоз на разновидни украсни предмети од странство во градот. Во тоа време целосно исчезнува сапунџискиот занает кој не може да ја издржи конкуренцијата со фабричкиот сапун кој се увезува од Крит, а подоцна и од Трст. Исчезнуваат и лулеџиите или чибукчиите кои освен изработка на земјени лулиња прават и филџани за пиење кафе. Во 1931 година од регистрираните 1700 занаетчии бројот се намалува на само 895, а меѓу нив има и жени дамски фризерки и голем број модистри. Од новопојавените занаети внимание заслужува појавата на првиот оптичар со што завршува периодот на купување очила од трговците на „ѓутуре”.

Во 1934 година во Битола се формира Занаетчиска комора која како Регионална занаетчиска комора функционира и денес.

Занаетчиството во 21. век – битолчани „бегаат” од занаетот или работаат на „црно”

Денес, мај 2021 година, во Регионалната занаетчиска комора во Битола регистрирани се 440 занаетчии. Сите лица со услужни занаети, секој трговец поединец и други кои што вршат занаетчиска дејност треба да се впишат во занаетчиската комора, но за жал тоа не го прават, вели Љупчо Бошевски, претседател на Регионална занаетчиска комора-Битола.

-Во 2015 година беше донесен Закон за занаетчиство според кој сите занаетчии треба да имаат лиценца издадена од Комората, но и ден денес најголем дел од занаетчиите не се пререгистрирани, а со тоа немаме точен увид на бројот на занаетчии во регионот. Добро ќе беше Централен регистер да посочи рокови за законско усогласување, но тоа не се случи. Денес, најголем дел од занаетчиите се фризери, бербери, козметичари, има неколкумина што изработуваат бижутерија, а најмалку застапени се занаетите кои се вршат на терен, односно имаме само 2 водоводџии, 1 бојаџија, 1 паркетар, 1 плочкар. Тоа значи дека сите што работат по објекти, згради и куќи, како самоуки работат на „црно”. Не доаѓаат за сертификат кој може да се добие низ тримесечен курс во Комората, вели Бошевски.

Последниот занаетчија ѕвончар во Битола затвори и не работи, нема ниту еден занаетчија златар односно златарите сега се трговци, нема занаетчија што ќе изработи самар, нема леблебиџии, нема јорганџии, нема шивачи што знаат да направат костум, а последниот во градот што знаеше костум да сошие беше Стојан кој неодамна почина од ковид… Го возобновивме весникот „Занаетчија” но после 21 отпечатен бесплатен број, запревме со издавање. Нашата намера беше да го афирмираме занаетчиството, но најголем дел од занаетчиите не доаѓаа во Комората да го подигнат бесплатниот примерок.

Не може без занаетчиство, ама нема занаетчиство без подмладок, така пишувавме во нашиот „Занаетчија” во 1978 година, така велиме и во оваа 2021 година, вели Бошевски и додaва дека иако некои занаети заминуваат во заборав, сепак секогаш ќе се паметат имињата на улици низ старата битолска чаршија како што се улицата „кај Ѕвончарите”, „кај Леблебиџиите”, „кај Куменџиите”, „кај Собаџиите”…

Марјан Танушевски

Битола, 2 мај 2021 (МИА) 


Видете следно

Вработени во спортски обложувалници: Издржуваме фамилии, плаќаме кредити и бараме само да работиме

Ние, вработените во спортски обложувалници денес одржавме прес-конференција пред Владата на РС Македонија, на која …