Бочварски: Ќе продолжи поддршката за изградба, реконструкција и санација на водоводи и канализации во сите општини во државава


Министерството за транспорт и врски ќе продолжи со поддршката за изградба, реконструкција и санација на водоводи и канализации во Штип и во сите општини во државата, потврди денеска ресорниот министер Благој Бочварски.

– Во Министерството за транспорт и врски имаме програми за водоводи и канализации и во моментов релизираме два проекта во Општина Штип, од кои едниот е веќе во тек и се работи на изградба на водоводната линија во населбата „Македонка”. Вториот е изградба на водоводна линија и резервоар за населбата „Каваклија”. Со тоа даваме придонес и поддршка во насока на развојот на водоводната линија и нејзина реконструкција, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Свети Николе.


Со таков интензитет, додаде Бочварски, работиме и во сите останати општини.

– Поддршката на Владата е несомнена. Имаме кредит од КфВ банка и уште еден од ЕИБ кои се ставени на располагање на општините за да аплицираат и да добијат средства за изградба, реконструкција и санација на водоводните и канализациските мрежи, посочи Бочварски.

Министерот нагласи дека Владата ги стави сите ресурси и капацитети на располагање со цел, како што рече, да им помогне на граѓаните зашто е несвојствено и не е добро во 21. век да живееме во општини во кои не е доволно развиена комуналната сфера. Посочи дека историски гледано актуелната Влада изградила најмногу водоводи и канализации до сега. вј/вдј/

Скопје, 19 јули 2021 (МИА)


Видете следно

Евростат: БДП на еврозоната зголемен за два отсто во однос на првиот квартал

Брисел, 31 јули 2021 (МИА) – Според првата проценка на статистичката служба на ЕУ објавена денеска, …