Бочварски: Определени сме гасот да го доведеме до сите крајни корисници


Пелагонискиот регион, според очекувањата на надлежните институции, ќе може да се приклучи на преносниот систем за гас годинава, а во втората половина од наредната година поголемиот дел од скопскиот регион да може да се снабдува со гас

Министерот за транспорт и врски денеска порача дека остануваат на определбата да се донесе гас до сите крајни корисници. Магистралните делници Скопје-Тетово-Гостивар, како и Битола-Неготино треба да бидат завршени годинава, а се очекува да биде избран и партнер за секундарната гасификација.

-На магистралниот гасовод Скопје-Гостивар досега е поставена  мрежа на цевки во должина од 53 километри или преку 75 проценти од проектот. Теренот е чист за работа, изградбата се одвива со добра динамика, а градежната сезона што ја почнуваме уште во текот на  месецов дозволува да почнеме да работиме масовно, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по увидот на градежните работи во скопскиот дел од гасоводот.

Инвестицијата за проектот изнесува 20 милиони евра, а се очекува, како што рече, годинава да биде изградена целата делница, а гасот да биде оперативен во текот на наредната година.

Во завршна фаза, наведе Бочварски, е и магистралниот гасовод Неготино-Битола и ќе биде завршен во текот на оваа година.

Министерот за транспорт најави дека почнуваат постапките за изградба на магистралниот гасовод од Неготино  до Гевгелија и интерконекциското поврзување со  Грција. Во текот на наредната година продолжуваме со гасоводот  од Свети Николе до Велес и од Гостивар до Кичево, рече Бочварски.

Тој најави дека уште месецов, како и во наредниот период ќе бидат почесто на терен за да се отстранат сите проблеми што  се јавуваат на трасата и да се зголеми нивото на капиталните инвестиции.

Значењето на гасот е силно потенцирано и затоа од граѓаните и од бизнисот секојдневно  очекуваме подршк,  но и ги охрабруваме дека цврсто стоиме зад нашите определби дека гасот ќе го доведеме до сите крајни корисници, рече Бочварски.

За овој процес, потсети, е многу важно што Министерството за економија работи на постапка за избор на фирма која преку јавно-приватно партнерство ќе ја гради и секундарната мрежа низ општините. Очекува постапката да биде успешна и годинава да биде избран партнерот што ќе го реализира проектот.

Според директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи, реализацијата на делницата Скопје – Гостивар е 80 проценти и ако нема дополнителни проблеми  ќе биде завршена 100 проценти годинава.

-Поголемиот дел од проблемите ги надминавме, веќе се усвоени сите инфраструкторни  проекти што беа неминовни за измени во тек на градба, почната е експропријација како последна етапа  кај делницата во скопскиот регион каде што имавме повеќе проблеми. Добрата вест е дека најтешките предели на оваа  делница веќе се изградени и остануваат уште 20 километри до завршување на проектот и тоа полесниот дел. Очекувам дека оваа година ќе бидат завршени сите градежни активности на терен вклучувајќи ги и двете мерно регулациски станици во Гостивар и во Тетово, рече Реџепи..

Надминати се, прецизираше, проблемите со застојот во решавање на имотно-правните проблеми. Очекува дека тој  процес ќе биде завршен во текот на вториот квартал годинава и ќе имаат добар фронт за работа за најбрзо што може да биде завршена делницата и конечно, како што рече, цел полошки регион, вклучувајќи го и западниот дел од Скопје да имаат пристап до преносниот систем и заедно со дистрибутивниот систем да почнат да ги  опслужуваат граѓаните, претпријатијата, големите корисници.

Одговарајќи на новинарско прашање, Реџепи прецизира дека во втората половина од наредната година поголемиот дел од скопскиот регион ќе може да се снабдува со гас. Според физибилити студијата тој процес ќе почне од периферија кон центарот, бидејќи во централното градско подрачје има други извори за снабдување, а проектот ќе трае околу четири години.

Реализацијата на делницата Битола- Неготино исто така финишира и изнесува 93 проценти, а останува само да се дополни делот кај Фени индустри. -Очекувам тоа брзо да се заврши така што и оваа делница секако оваа година ќе биде оперативна и ќе може цел пелагониски регион да биде приклучен на нашиот  преносен систем на гас,посочи Реџепи.

Со отворањето на постапката за изградба за интерконекторт со Грција, нагалси, конечно ќе имаме диверзификација на нашите системи за снабдување, како ќе имаме пристап до многу поевтин гас преку системот на ДЕСФА во Грција како и другиот интерконектор за Косово за која делница годинава завршува физибитили студијата и се очекува наредната година да почне проектирањето и конечно да можеме нашиот преносен систем да го користиме за да пренесеме гас до северните соседи исто како и другиот интерконектор во Србија којшто треба да биде одобрен годинава од Енергетската заедница како прокет од заеднички интерес и да апицираме за грант за физбилити студија и за проектирање. Двата проекта ќе бидат поддржани од ЕБРД, појасни Реџепи.лв/скс/

Скопје, 24 февруари 2021 (МИА)


Видете следно

Еве колку нови случаи на Ковид 19 денеска се регистрирани кај нас

Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје: Во последните 24 часа …