Богојески на граѓанската трибина: Компромисот со криминалот не носи далеку од ЕУ


Петар Богојески, лидер на Македонски концепт и носител на изборна листа за пратеници за ИЕ1 на вечерашната граѓанска трибина која се одржа во Аеродром подетално се осврна на закочените евроинтеграциски процеси во Македонија и руинираниот судски ситем во државата. “Никој не кажува која е причината за забавување на процесот на интеграција во Европската унија. Не е вистина дека не мрази учителката како што се обидуваат политичарите во Македонија да го претстават тоа. Никој не не мрази, туку си се мразиме самите себе со тоа што со прст не мрднавме да направиме реформи во она што ни беше најважно за земјата, а тоа се правдата и правото. Токму поради тоа станавме некредибилен партнер за преговори со ЕУ или некомпетентни да започнеме преговори со оглед на тоа дека не покажавме ниту почетни капацитети за тие преговори. Причината за тоа е компромисот со правдата или со криминалот од минатото кој го направи оваа Влада”, истакна тој.

“Потребна е одговорност од тие што ја делат правдата со личен имот наместо да одговараат на публиката зашто не ја поделиле правдата како што треба, и второ е да ги искористиме современите механизми за контрола на процесот. Некои од правниците велат дека бавната правда не е правда. И тоа е така токму поради тоа што корупцијата ги остава предметите во фиока. Проблемот не е дека другите политичари не знаат како да се реши тоа. Напротив, знаат, но не се подготвени да се откажат од контрола врз судството и судскиот ситем бидејќи за да се откажеш од таа контрола значи да си подготвен да одговараш пред тоа судство. Многу луѓе завршија во затвор, вклучувајќи го и чичкото со ќебапите од Велес, ама никој не заврши во затвор од политичарите или високите функционери”, вели Богојески.

Освен ЕУ интеграциите и судството, тој се осврна и на темите борба против криминал и корупција, економија, земјоделие и внатрешната политика. Владее ненормалност во земјата и токму ова е последна шанса за нормална држава. Македонски концепт создаде понуда, создаде број 10 и граѓански листи кои се најдобриот избор за Македонија. Гласот за број 10 е глас за граѓански пратеници во парламентот.

Покрај Богојески, на трибината говореа и кандидатите за пратеници д-р Елена Зафировиќ и Калин Митрески и адвокатот Владимир Бангиевски.

Според Владимир Бангиевски денеска да се зборува за темата право и правда значи да се зборува за тема којашто не засега сите нас почитувани граѓани, затоа што барем еднаш сите од нас сме биле дел или сме влегле во судската зграда, притоа барајќи си ги своите граѓански субјективни права. Судот како институција постои да ги штити интересите на граѓаните. Судската власт во изминатите 30 години од моментот на осамостојување на земјата убедливо е најслабата карика во системот на власта. Не сум личен поборник на теоријата дека е доволно само да го смениме законот и со тоа да ја завршиме целата работа. “Ниту едната, ниту другата партија кои што само се менуваат на четири или повеќе години не придонесоа за стабилно, ефикасно, ефективно судство. Судство блиску до граѓаните. Граѓанинот е се понезадоволен од тоа како функционира судската власт”, изјави Бангиевски.

Калин Митрески исто така говореше за потребата од ефикасно судство истакнувајки “Ако сакаме да имаме ефикасно судство, тоа треба да биде составено од професионалци, а не од луѓе кои потекнуваат од одредена фамилија и генерации и да се продолжува фамилијарната лоза. Дополнително, ние предлагаме електронски систем преку кој автоматски ќе ги распределува судските предмети до судиите, без притоа да имаме човеков удел во тоа. Македонски концепт се залага за целосно правна држава во која ќе владее правото од луѓе судии и обвинители кои ќе бидат луѓе од народот”.

Д-р Елена Зафировиќ, кандидат за пратеник за ИЕ1 која говореше на темата здравство рече дека како што ни треба правна држава, така ни треба и здравство и образование. Тие се составни клетки на една дражава ако сакаме да имаме таква. Мораме да имаме систем кој што функционира. Пред се, целта на еден здравствен систем е здравје за сите што значи квалитетни здравствени услуги да бидат достапни за секој граѓанин, а не само за тие што можат да си ги дозволат. Тоа е полето каде што треба ние да делуваме. Јавното здравство во Македонија опаѓа во последните 30 години и тоа сме го доживеале и како вработени и како пациенти. Голем дел од квалитетниот човечки капитал си замина, додека имаме систем кој што не создава нови квалитетни здравствени работници. Мора да направиме промени, затоа што луѓето кои што се способни, полни со знаење и ентузијасти си заминуваат од државата затоа што не се препознаени како такви. Не се препознаваат личните квалитети, туку политичката припадност.


Видете следно

Се огласи Таравари: Еве кој е неговиот услов за влез во Влада

Алијансата за Албанците би прифатила да биде дел од новата Влада заедно со Демократската унија …