Богоев: Вкупниот долг на Карпош е повеќе од 18 милиони евра


Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска пред јавноста го презентираше Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за материјално – финансиското работење на Општината, во текот на четири години наназад.

Извештајот, утринава беше доставен и до Основното јавно обвинителство и до Управата за финансиска полиција, со цел да се утврди одговорност за сите нерегуларности и повреди на законските одредби констатирани од страна на овластениот државен ревизор и ревизорскиот тим.

На почетокот, Богоев напомена дека вкупниот долг на Карпош е 18 милиони евра или 1.105.000.000 денари, но, Државниот завод за ревизија посочува дека покрај главниот долг, кој најчесто потекнува од минати години (2012, 2013, 2014, 2015), Општината должи и големи суми за дополнителни трошоци (адвокатски, нотарски, трошоци за извршител, процесни и парнични трошоци).

Со овие дополнителни трошоци и обидот „да се купи“ време и да не се подмират обврските, само дополнително се оптоварувал Буџетот на Општината за камати и трошоци, и е постигнат ефект на нерационално трошење на средствата, нагласи Богоев.

Исто така, во 2014 година се подигнал и кредит од 160 милиони денари (2,6 милиони евра). Намената на кредитот бил за тековни инфраструктурни проекти во Општината, но, ревизорскиот тим констатирал дека истиот е потрошен ненаменски. Средсвата целосно се искористени за плаќање на заостанати обврски, од минати години, со што е прекршен членот 20 став 6 и 26 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, според кој средствата обезбедени со долгорочно задолжување се користат за намената за која се одобрени.

На прес конференцијата, Богоев говореше и за пропустите при изградбата на новата општинска зграда и постоечките општински бараки. Изградбата на административниот објект е врз основа на проект  кој не е одобрен од страна на Советот на Општина Карпош, како и без изменето одобрение за градба што не е во согласност со Законот за градење и Одлуката за изградба на административен објект. За впишаното заложно право на идната градба и на земјиштето нема согласност ниту од Министерството за транспорт и врски, ниту од Државното правобранителство, како надлежни органи за заштита на имотните права, со што е повреден чл.12 од Законот за државно правобранителство.

За постоечките простории во кои е сместена Општина Карпош, односно изградбата на бараките е без одобрение за градење и без одлука од Советот на Општина Карпош.

Еклатантно се повредени повеќе одредби од закони и тоа: член 36 од Законот за локалната самоуправа, член 59 од Законот за градење и член 19 од Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници.

Кога станува збор за ненаменското и неоправдано трошење на буџетските средства, пари на граѓаните, посочени се повеќе сериозни забелешки преку кои јасно се гледа дека се доделувале средства на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица кои не давале финансиски извештаи, фактури за начинот на кој ги потрошиле доделените средства. Исто така, меѓу локалната самоуправа и овие субјекти не се склучувале ниту договори во писмена форма.

Видете следно

За првпат издадена 30-годишна државна обврзница на македонскиот пазар на капитал

Денес за првпат на македонскиот пазар на капитал е издадена државна обврзница со време на …