Brainster ја доби Националната награда за најинвентивна општествено одговорна практика за 2019


Во конкуренција на 30 проекти, пријавени од страна на 20 домашни компании за Националната награда за најдобри општествено одговорни практики, Brainster го доби признанието за најинвентивен проект за 2019 година, за апликацијата Komunicira.me. Компанијата воедно ја доби и Националната награда во категоријата „Вложување во заедницата“.

На манифестацијата „Национална награда за најдобра општествено одговорна практика“, која се оддржа во хотел „Холидеј Ин“, во организација на Минстерството за Економија беа доделени награди во 5 категории – Oднос кон вработените, Eтичко управување, Односи на пазарот, Однос кон животната средина и Вложување во заедницата. Brainster ја освои наградата за најдобра општествена практика во последната категорија, а во конкуренција на ЕВН и Телеком, компанијата беше прогласена за Компанија со најинвентивна општествено одговорна практика за 2019 година.

„Komunicira.me“ е апликација достапна за Андроид, чија цел е да ја намали комуникациската бариера помеѓу лицата со намален или оштетен слух и лицата со редовен слух. Оваа бесплатна апликација овозможува комуникација со лица со намален или оштетен слух и можност за совладување на знаковниот јазик. Апликацијата ги интегрира лицата кои комуницираат на овој јазик во рамките на институциите, работното место и неформалната околина.

Интересно е дека апликацијата е целосно изработена од студентите на Академијата за програмирање на Brainster: Оливер Божиновски, Горан Воиновски, Панче Димовски и  Марко Доновски. Изработена е во соработка со средното училиште за ученици со оштетен слух „Партенија Зографски“ – Скопје, со наставничката Викторија Волак, учениците Мимоза Далили и Филип Лефков и директорот Блаже Митев.

„Апликацијата настана како дел од праксата да им обезбедиме работа на реални проекти на студентите на Brainster. Во тој процес увидовме дека студентите се најмотивирани кога работат на општествено корисни проекти, па соработката со средното училиште за ученици со оштетен слух дојде природно. Среќни сме што крајниот исход е алатка која помага за надминување на бариерите во комуникацијата со лицата со оштетен слух, како и поради фактот што нашите студенти ги делат нашите вредности на постојано споделување со заедницата.“ – изјави Дарјан Раденковиќ од Brainster.

Од Brainster додаваат дека нивните студенти во моментов работат на уште два слични проекти кои исто така ќе имаат за цел да надминат други два важни општествени проблеми и ги повикуваат сите организации, институции и компании да им предложат слични проекти на кои нивните студенти од академиите за програмирање, маркетинг и дизајн заеднички ќе работат.


Видете следно

Второ издание на поетската манифестација Антево слово

На 10 декември 2019 година со почеток во 19:00 часот, во спомен собата на Анте …