Бранко Азески, денеска во Виена ќе земе учество на коморскиот инвестициски форум


Претседателот на Стопанската комора на Македонија и потпретседател на Коморскиот инвестициски форум, Бранко Азески,  денеска во Виена, ќе земе учество на настанот на кој ќе биде официјализирана соработката помеѓу Коморскиот инвестициски форум, Австриската федерална стопанска комора и Австриското федерално министерство за Европа, интеграции и надворешни работи, кое ја координира работата на Австриската агенција за развој. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу трите партнери, ќе биде воспоставена рамка за унапредување на заемната соработка во насока на обезбедување поддршка за развојот на регионот на Западен Балкан, во согласност со Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и приоритетните цели на Берлинскиот процес, преку унапредување на перспективите за продолжување на процесот на проширување на Европската унија и засилениот ангажман на ЕУ на подрачјето на Западен Балкан. Примарен фокус на активностите кои заеднички ќе бидат преземани во рамките на воспоставената соработка ќе имаат прашањата за дигитализацијата и стручното образование.

Во рамките на настанот, претседателот Азески ќе оствари работни средби со Карин Кнејсл, министер за Европа, интеграции и надворешни работи во Австриската федерална Влада и Хералд Марер, претседател на Австриската федерална стопанска комора, како и со претставници на менаџментот на водечки австриски компании.

Коморскиот инвестициски форум, кој Стопанската комора на Македонија го основаше заедно со Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово, во рамките на Берлинскиот процес, има за цел да се постигне поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во процесите на имплементација на проектите кои се од важност за економскиот просперитет на земјите од Западен Балкан, со потенцирање на развојот на конкурентноста на економиите од регионот преку поврзани бизниси, соработка и координирани активности.


Видете следно

Поднесено обвинение за обид за разбојништво во обложувалница

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице, кое на 18.01.2019 година во …