Breaking News

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите


Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Mај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница во Република Северна Македонија.


– На овој ден во 1905 година бил издаден декрет со којшто во рамките на Отоманската Империја била призната реалноста дека Власите се посебен народ со свој јазик, своја култура и со свој идентитет.


Со тоа се отвори ново поглавје во долгата и богата историја на влашкиот народ, што сведочи и за големиот придонес на Власите во борбата за слободна и независна македонска држава.

Денес, припадниците на влашката заедница во Северна Македонија го остваруваат правото на граѓанско и на политичко организирање, уживајќи ги сите права како и другите етнички заедници.


Власите активно придонесуваат во општествените текови и во сите сегменти на секојдневното живеење.

Обврска на Република Северна Македонија е да продолжи да го чува, развива и да го промовира етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Власите во духот на европските вредности.


Нека е честит 23 Мај – Националниот ден на Власите, се наведува во честитката од претседателот Стево Пендаровски .

Извор: МИА