Четири членови на „Макпетрол” викендов ќе се натпреваруваат на Светската карате-лига


Најсилниот карате-турнир, Светската карате-лига, од 18 до 20 февруари ќе се одржува во Фуџаирах, каде што денеска отпатуваа и четири претставници на скопскиот клуб „Макпетрол”. Градот во Обединетите Арапски Емирати на едно место ќе ги собере најелитните карате-имиња кои што ќе се борат за признанија во рамки на Премиер карате-лигата.

На турнирот ќе учествуваат најдобро рангираните 342 каратисти од 55 држави од светот, а боите на Македонија ќе ги бранат: Петар Заборски (категорија под 75 килограми), Петар Спасеновски (-84 кг.), Симона Заборска (-55 кг.) и Ангела Мојсовска (-68 кг.).


– Ова ќе биде прв турнир во 2022 година од најелитното карате натпреварување во лига-системот во организација на WKF (Светската карате федерација). Главен услов за учество е да сте вброени во топ-50 каратисти на глобалната ранг-листа, поради што и ние имаме привилегија да настапиме на овој силен турнир – изјави Петар Заборски, натпреварувач и тренер на КК „Макпетрол”.

Во тимот на скопскиот клуб, Симона Заборска е најискусна. Во досегашната спортска кариера таа има остварено високи пласмани од учествата во светските премиер-лиги. Заборска истакна дека ова е почеток на сезоната, но таа ќе се обиде да оствари добри резултати, првенствено за да го поправи бодовното салдо на светската рејтинг-листа, и да се наметне како квалитетна спортистка за да може да учествува на најелитните натпревари во текот на целата година.


Петар Спасеновски, кој ќе настапи во полутешка категорија, изјави дека е одлично подготвен. Негова цел, во најмала рака, е да го постигне или повтори успехот кога во 2020 година во Дубаи, се бореше за бронзен медал. Ангела Мојсовска, нашата најдобро рангирана каратистка на глобалната ранг-листа, ќе учествува во полутешка категорија. Нејзината намера е да се претстави во најдобро светло на почетокот на сезоната.

На првенството ќе учествуваат најдобрите сениорски имиња во машка и во женска конкуренција во секоја тежинска категорија. За ова натпреварување е карактеристично што од годинава се воведени нови правила за пријавување и настап. Ограничен е бројот на учесници и наместо досегашните 64, сега ќе има 32 каратисти во секоја категорија. Сите тие ќе бидат поделени во осум групи по четири спортисти, додека во елиминацискиот дел секој ќе има по три задолжителни борби. Потоа ќе следат четвртфинале, полуфинале и финале.



Видете следно

„Најсреќниот човек на светот“ е македонски кандидат за Оскар за долгометражен интернационален филм

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” во режија на Теона Стругар Митевска е годинaшниот македонски …