Breaking News

ЧИЈА Е ОДГОВОРНОСТА ШТО ЗА ГАС ЌЕ СЕ ПОТРОШАТ ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА ПОВЕЌЕ ОД ПОТРЕБНОТО


Откако за јануари потпиша договор со бугарската компанија „Балкан Јутилитис“, а истото го направи и за февруари, државното претпријатие што раководи со топланите во Скопје за производство на топлинска енергија ќе плати гас поскап над три милиони евра само за првите два месеци во годината. Деновиве гасот на берзите се продава за 60 евра за мегават-час и таа цена се намалува, додека „ЕСМ продажба“ потпиша договор по фиксна цена од 98 евра за мегават-час, односно го купува за 60 отсто поскапо. Со ова, прогнозите дека државата ќе троши повеќе јавни средства за набавка на гас се потврдуваат втор месец по ред.


Тука се отвораат низа прашања, меѓу кои најзначајното секако е дали некој ќе сноси одговорност за злоупотреба на службената положба и овластувања. Објаснувањата, притоа, дека ваквата политика се прави за да се заштитат крајните корисници, едноставно, не можат да се одбранат.


– „Во моментот, да, се согласувам дека е пониска цената на берзата и има тенденција на паѓање, но да не заборавиме дека на берзите се случуваат преку ноќ енормни скокови на цената на природен гас. Ние тука сме заштитени, како државна компанија, не можеме да останеме отворени на пазарот и цената која ја плаќаат граѓаните во услови на криза некогаш да ја плаќаат енормно повисоко од тоа што треба“ – рече директорот на ЕСМ во изјава за медиумите.

Нејасно е како граѓаните се заштитени кога и сега се плаќа гас што е поскап од тој на берзите, а не се знае кој на крајот ќе ги покрие евентуалните долгови што би се креирале како резултат на недомаќинското трошење. Дополнително, „Макпетрол“ преку соопштение извести дека нивната цена за февруари ќе биде пониска од таа за јануари, што значи не може да стане збор за некакво зголемување што граѓаните како крајни корисници би го почувствувале.


– „Согласно договорот помеѓу „Макпетрол“ АД Скопје и „Гаспром експорт“, како и движењето на цената на природниот гас на светските берзи, „Макпетрол“ АД Скопје ги известува своите потрошувачи и пошироката јавност дека цената на природниот гас за месец февруари ќе се намали за 40% за мегават час, во однос на цената за месец јануари оваа година“ – изјавија од „Макпетрол“ во соопштение за медиумите.

Ако се земе предвид цената на природниот гас од 1 јануари, што ќе важи до крајот на месецот, пресметано заедно, за три набавки на природен гас државата ќе плати 916 илјади евра без ДДВ, односно речиси 1.1 милион евра повеќе со вклучен данок на додадена вредност. За февруари, простата пресметка покажува дека на месечно ниво, односно за 28 дена, при нормална потрошувачка од 2200 MWh, разликата меѓу двете понуди изнесува 1.706.936 евра/MWh. При максимална потрошувачка од 3500 MWh, разликата изнесува дури 2.715.580 евра/MWh.


Вкупно за јануари и за февруари ова значи дека државата ќе потроши три милиони евра повеќе и тоа во најоптимистичката варијанта, но можно е оваа сума да биде и поголема. Останува да се види дали за ова некој ќе сноси одговорност или несоодветните политики ќе продолжат и во следниот период.