Breaking News

Делчевското „Експериментално театарче“ одбележа 35 години од формирањето


Делчевското „Експериментално театарче“ одбележа 35 години од своето формирање и првата одиграна театарска претстава „Некоректен мртовец“. На настанот, кој синоќа беше организиран по тој повод, беа доделени благодарници и признанија за сите кои учествуваа во развојот на театарската група под водство на еден од најпознатите македонски сатиричари Миле Ѓорѓијоски.


-Мило ми е што сите сме тука од првата постава, односно првите артисти со кои ја започнавме одисејата на „Експерименталното театарче“. За жал, меѓу нас го нема Драган Николовски, еден од водечките артисти, слава му. Овој ден се надевам ќе се повторува, дека и в година и други години ќе се гледаме повторно. Се надевам дека ако не за поширока публика ќе направиме една претстава за наша душа на некоја промоција, рече Ѓорѓијоски.


За еден од глумците Јонче Илиевски, токму Ѓорѓијоски е најзаслужниот што претставите на „Експерименталното театарче“ секогаш се одржувале пред преполна сала.

-Се сеќавам на првите почетоци кога со Ирена зад пердето мислевме дека ќе има 20 души. Излеговме на сцена и гледаме преку 200 луѓе. Затоа ќе кажам, Господ го пратил Миле Ѓорѓијоски од Кичево кај нас во Делчево. Да имаш таква храброст, таков ентузијазам, што се вели „да собереш некој од улица“, без ниеден час глума, без некој да ти покаже и да го постигнеме тоа што го постигнавме. Луѓето доаѓаа да не гледаат, оставајки ја својата работа и со нивните аплаузи правеа да се чувствуваме како центар на светот, рече Илиевски кој моментално живее во Америка.
Потсетувајки се на доживувањата со театарската група, артистот Кирил Маневски, кој моментално е на печалба во Англија, се присети на моментите кога поради сплет на околности за време на една од претставите за малку не настрадал еден од неговите колеги.
-Во момент во кој глумев даночен инспектор го заборавивме дрвениот пиштолот со кој требаше да му се заканам на еден од должниците, во случајот мојот колега Горан. Претставата се одржуваше во Македонска Каменица каде ни најдоа замена вистински нож. Така бранејки се од заканата и моите замавнувања со ножот, несмасно го повредив Горан, тој крвареше, но машки издржа за среќа без посериозни повреди, вели Маневски.
Една од најиграните претстави со кои „Експерименталното театарче“ доживеа најмногу успеси, како што беше кажано на одбележувањето на 35-тиот роденден на театарската група, е претставата „Некоректен мртовец“ за која е напишана книга која излезе од печат и наскоро со дел од најдобрите скечеви ќе биде претставена пред пошироката публика.
„Експерименталното театарче“ е едно од ретките театарчиња, во кое покрај возрасната група, своја сопствена претстава „Ах, тие бројки“ имаше и театарскиот подмладок. Како театарска група добитници се на повеќе награди и признанија, а во своето 35-годишно постоење имаат одиграно над 100 претстави во повеќе градови во државата. вс/мд/