ДЕЛЕГАЦИЈА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА НА БИЗНИС-ФОРУМ ВО АТИНА


Делегација на Стопанската комора на Македонија на 30.11.2018 година (петок), во Атина, Република Грција, ќе учествува на еднодневниот Бизнис форум и билатерални средби меѓу македонски и грчки стопанственици, настан кој Комората го организира во соработка со Атинската трговско-индустриска комора, во насока на интензивирање и зголемување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Грција.

Во делегацијата од Стопанската комора на Македонија учество ќе земат компании-членки на Комората од повеќе различни сектори (вклучувајќи компании од градежништвото, металната индустрија, прехранбената индустрија и трговијата). На Бизнис-форумот компаниите ќе имаат можност да ги презентираат своите интереси за соработка и можности за инвестирање, во насока на зајакнување на деловните односи меѓу двете земји, а по завршувањето на официјалниот дел, компаниите ќе можат да остварат и директни средби со компании од соодветните дејности.

Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Грција за периодот јануари – септември 2018 година е во вредност од 748,1 милиони САД$, со пораст од 24,9% во однос на истиот период од претходната година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 171,4 милиони САД$, со пораст од 9,8% споредено со периодот јануари – септември 2017 година, додека увозот изнесува 576,7 милиони САД$, со пораст од 30,2% споредено со истиот период минатата година. Република Грција е втор трговски партнер на Република Македонија.



Видете следно

Пендаровски: Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно – ќе успееме!

Обраќање до јавноста на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски Почитувани граѓани, Ви се обраќам …