Денес и утре форум за поврзување/вмрежување и конференција“Учиме од соседите” во Скопје


Во рамки на Проектот “Партнерство и изградба на капацитети, пат до одржлив развој” денес и утре, Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот регион организира форум за поврзување/вмрежување и конференција“Учиме од соседите” во Скопје.

На овие собири присуствуваат претставници на градови и општини од Јабланичкиот и Пчињскиот регион и општини од северозападниот и скопски регион.

Целта на собирот е вмрежување на локалната самоуправа од овие два региони со цел создавање партнерства за заеднички настап во програмата за прекугранична соработка Србија – Македонија чиј почеток се очекува до крајот на годинава.

“Се надевам дека денешниот собир ќе стане традиционален и дека во овој состав ќе се собираме наредниве години”, изјави др. Горан Цветановиќ, градоначалник на Лесковец и претседател на собранието на основачи на Центарот за развој на Јабланичко Пчињскиот регион, изразувајќи ја желбата за идна соработка.

Проектот “Партнерство и изградба на капацитети, пат до одржлив развој” има за цел вмрежување на локалните самоуправи на Јабланичкиот и Пчињскиот регион и општините од северна Македонија и подигнување на капацитетите на локалните самоуправи за учество во програмата за прекугранична соработка.

Во духот идна успешна соработка и можност за заедничко учество на проекти на крајот на конференцијата претставниците од градови и општини од Република Србија и Република Македонија, потпишаа меморандум за соработка.

Проектот е кофинансиран од страна на Развојната Агенција на Србија, Центарот за развој на Јабланичкиот и Пчињскиот регион и 12 единици на локалната самоуправа од Јабланичкиот и Пчињскиот регион.

 


Видете следно

Започнува Skopje on Ice 2019 – Два дена уметност на мраз

Денеска и утре во Скопје ќе се одржи Третиот национален и меѓународен натпревар во уметничко …